
Нема референдум на кој немам гласано, мили мои Македонци!
Гласав дури и на „спорниот“ референдум за територијална организација на општините во Република Македонија, што се одржа на 7 ноември 2004 година. Ако се сеќавате, тоа беше оној референдум на кој „некои прашања“, нели, „не заслужуваа одговор“. Јас и тогаш излегов и го искористив правото на глас.
Не ми верувате? Имам доказ. Не само што тогаш гласав, туку еден ден пред референдумот (на 6 ноември), среде изборниот молк, во тогашен „Дневник“ објавив колумна под наслов „Неделна прошетка“. Со неа, имплицитно (за да не се судрам со законот), но сепак доволно јасно, а во знак на револт кон повикот за бојкот, свесно го прекршив изборниот молк. Колумната е објавена и во мојата книга „Моето небо е зелено“, која сѐ уште може да се најде во книжарницата „Матица“.
Неделна прошетка
Еве го тој текст на кој сум особено горд:
„Утре е недела. Празничен ден.
Здравје боже, ќе станам рано сабајле. Ќе го разбијам мамурлакот со студена вода. Ќе се опулам. Ќе го облечам најубавиот костум. Ќе си врзам и вратоврска. Ќе ги запетлам чевлите и – ќе излезам.
Ми велат, немој, не излегувај. Немој денеска. Што му фали на денеска? Не било времето. А ваму, силно светнал ден. Утре можеби ќе изгрее сонце да ми ја греит душата. Или ситен есенски дождец ќе ми го зароси челото. Кој знае, не ќе биде чудо страшна луња да ми ја разбранува крвта во жилите. Или само магла ледена ќе ми го мрзне здивот дури пешачам.
Не разбирам, што му фали на времето? Извинете, јас друго немам.
Ама немој, ми велат, ќе го згрешиш патот. Не разбирам, оти да го згрешам патот? Како можам во Скопје мое да го згрешам патот, ако ја кренам главата кон Водно и ако Вардар ме води? Како можам во Охрид наш да го згрешам друмот ако го видам Плаошник? Како може човек што со очи и срце ги видел Бистра и Беласица, Пена и Брегалница, Кораб и Осогово, да се устреми во погрешна насока?
Ич гајле да не берите, очите да ми ги врзат, патот ќе го фатам.
Се сеќавам, едно неделно септемвриско утро, пред 13 години, се бев кандисал да излезам. И тогаш ми велеа: немој, остани си дома, не е време, не е место, седи си мадро. Аџамија, се охрабрив и излегов. А таму – имав што да видам. Беше пукнал еден прекрасен, сончев ден. Беа излегле илјадници луѓе. Да ги бев послушал оние мрачни типови што ме плашеа и ме одвраќаа, ќе си дремев дома меѓу четири ѕида, врзан со своите стравови, со својата носталгија, со своите спомени, како со ортоми.
Затоа, утре морам да излезам. Да прошетам. Морам да го видам денот и тој да ме види мене. Ќе се качам на Калето, а потем ќе шетам на Кејот. Ќе ги видам и Сарај и Матка. Ќе ги сретнам моите пријатели. Ќе испиеме планински чај и ракија пред ручек. Ќе се порадуваме.
Додуша, некои пријатели нема да излезат. Ако, ако. Ќе се сретнеме следниот пат. Ќе има уште убави недели. Еве го, брзо ќе запролети. Ќе вишне сонце на небото. Планините ќе нѐ опојат со неодоливи мириси. А кога ќе излеземе од дома, кога ќе удриме едно шетање, не знам кој ќе нѐ прибере.
Само, загрижен сум за мојот пријател Лоренс Батлер. Го гледам, многу ми се секира. За мене, за сите нас. Некако, сакам да го окуражам, да не се сакалдисува многу. Та ако сме излегле в недела да прошетаме не значи дека сме станале рашетари – нашата политика кон неговата голема, демократска земја не ја менуваме.
Ми текна. Ќе го викнам на појадок. Тој мене заборави да ме викне на појадок кога му победи претседателот. Нема врска, човекот е замаен со градежни работи и не му текнува. Значи, драг мој Лари, ако си за лутеница и шарски кашкавал, бујрум в понеделник рано сабајле. Да ти заблагодарам што ми го призна името. И да ти кажам дека ние, Македонците, знаеме да утнеме востание (сите ни се или задоцнети или преуранети), но во недела, од Бога дадена, со милост божја – празнуваме.“
Нема оправдување да не се излезе
А, што велите сега, мили мои Македонци?
Да, да, гласав јас на сите референдуми. Со пенкало, ама и со образ. Зашто, референдумот не е исто што и избори. Можам да разберам, дури и да оправдам, да не се излезе на избори. Не ми се допаѓа како се однесува мојата партија – не гласам! Нема партија што ги задоволува моите интереси и погледи – не гласам! Не ме интересира кој ќе владее – не гласам! Велам, во ред, тоа се аргументи што во одредени околности можат да се разберат.
Но, не би можел да се замислам себеси било кому да кажувам било што за мојата татковина – а најмалку пак тоа да го правам на говорница, на телевизија, со пишан збор или поинаку јавно! – а да не сум гласал на референдумот за независност на 8 септември 1991 година. Не можам да замислам да кажам штогоде против „барокното“ нагрдување на Скопје (или обратно, во полза на таа „естетика“), не би можел дури ни да шетам во Градскиот трговски центар со крената глава, ако не гласав на референдумот за спас на овој прекрасен, иако веќе запуштен објект.
Неодговорно е и лицемерно е да не се излезе на референдум. Тоа е оној редок момент кога државата ми ја доверува власта. Сам да одлучувам за прашање што ме засега како граѓанин, тоа навистина е моја граѓанска, семејна, татковска и човечка обврска. Затоа, морам да го прифатам предизвикот. Секој од вас мора! Замислете да не сум гласал во 1991 година, а утре децата да ме прашаат: „Тато, ти каде беше на 8 септември 1991 година, зошто не гласаше на референдумот за независност?“ Што би им одговорил? Кај сум бил? Под јорган планина? Зошто сум пропуштил да одлучувам дали сакам мојата земја, во која ќе живеат моите деца, да стане независна? Какво оправдување би смислил? Никакво.
Просто е. Нема оправдување да не се излезе и да не се застане зад параванот. Дали ќе гласаме „за“ или „против“, дали ќе го пречкртаме ливчето или во гласачката кутија ќе го уфрлиме празно, тоа веќе е прашање на нашиот избор. И тука нема лутење. Но, да не се излезе на гласање, простете, тоа сепак е чин на индивидуален кукавичлук, за кој јас немам разбирање. Зашто, сепак, сите прашања заслужуваат одговор, а најмногу оние од кои зависи нашата иднина.
Недела е празничен ден
Мојот личен референдум за европска Македонија, за членство во НАТО и во ЕУ и за компромис со Грција, се случи во 2008-2009 година, кога заедно со сега покојниот Роберто Беличанец, со Владимир Милчин, Жарко Трајаноски, Мерсел Биљали, Никола Гелевски и со нашите пријатели од Соросовата фондација, крстаревме низ Македонија и со граѓаните зборувавме за европските вредности и перспективи. Нашата неформална иницијатива ја нарековме Граѓани за европска Македонија.
Бевме грубо напаѓани од власта и од нејзините медиумски послушници. На нашите трибини директно се соочувавме и со граѓаните што не ги споделуваа нашите погледи. Имаше и непријатни моменти – во Струга бевме физички нападнати, во инцидент кој никогаш не беше расветлен. Едноставно, бевме малцинство, оспорувани дури и од оние кои подоцна станаа „наши“. Некои баш многу, многу подоцна станаа такви, дури после падот на режимот на Груевски, па сега Милчина и мене (повеќе него, за волја на вистината), нѐ прогласуваат за „туѓи“. Судбина…
Нејсе, не е важно тоа, ќе гласам јас и в недела. Не пропуштам референдум. А ќе гласам „за“. Неколку пати кажав зошто. Затоа што договорот со Грција е разумен компромис, зашто со него остануваме Македонци, зашто нашиот јазик останува македонски и зашто Грција добива право на „своја“ Македонија на начин што нас воопшто не нѐ засега. Конечно, да биде јасно и тоа дека бојкотот за референдумот не е глас за „одбрана“ на Република Македонија, туку глас за Поранешната Југословенска Република Македонија, глас против НАТО и ЕУ, глас за изолација и неизвесност на нашата татковина.
В недела гласам „за“, а веќе в понеделник продолжувам да ја критикувам власта за она за што треба да се критикува. Оти така е по европски, нели. Сакам да кажам, ќе продолжам да бидам малцинство. Тоа е мојата „природна агрегатна состојба“. Мојот каприц и мојата суета, ако сакате. Бројките не се најважни. Тогаш кога ќе застанам зад параванот тајно, или пред читателите јавно, тогаш кога ќе го кажам својот став, за мене изјаснувањето веќе успеало. Не ми е важно колку луѓе ќе ми се придружат и ќе ме тапкаат пријателски по рамото, а колку ќе ме мразат и ќе ме напаѓаат.
Ве повикувам, мили мои Македонци, в недела и вие да не калкулирате и да бидете одговорни и храбри. Знајте, во почетокот, вистината секогаш се конституира како малцинско мислење. А ние, Македонците, во правењето држава сѐ уште сме почетници, да не речам чираци. Бидете на висината на задачата. Овој пат нема да го прекршам изборниот молк, како во таа 2004 година, но ќе ве повикам да гласате со истите зборови, кои тогаш ги платив скапо:
Недела е празничен ден. Здравје боже, ќе станам рано сабајле. Ќе го разбијам мамурлакот со студена вода. Ќе се опулам. Ќе го облечам најубавиот костум. Ќе си врзам и вратоврска. Ќе ги запетлам чевлите и – ќе излезам!