Командата на сириската армија објави дека областа Источна Гута е целосно ослободена од екстремистите откако последните бунтовници заминале од градот Дума.
Портпаролот на сириската армија, Али Мајхуб изјави дека специјални единици ги чистат улиците и плоштадите на Дума од мини и експлозивни направи поставени од бунтовниците. Тој додаде дека армијата открила фабрики за оружје, магацини за оружје, тунели и складишта за храна.
Дума е најголем град во Источна Гута и нејзиното ослободување претставува најголема победа на сириската армија од почетокот на војната пред седум години.
Во исто време, руското Министерство за одбрана соопшти дека завршил процесот на повлекување на екстремистите од Дума, откако околу 21.000 бунтовници и членови на нивните семејства со автобуси заминале од подрачјето.