СИРИЗА претрпе големи загуби во цела Грција, особено во северниот дел на земјата

823
ФОТО: EPA / SOTIRIS BARBAROUSIS

По пребројаните 80 отсто од гласовите од вчерашните европски избори, картата на Грција е обоена во сина боја – бојата на опозициската конзервативна Нова демократија, со исклучок на шест изборни единци, што доволно говори за нејзината победа, но и за поразот на владејачката левичарска Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА).

МИА ги анализира резултатите од евроизборите во Грција, каде најмногу загуби СИРИЗА, а каде доби Нова демократија.

СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас, по пребројаните 80 отсто гласачки ливчиња, загуби 436.403 гласови низ цела Грција, споредено со европските избори во 2014, а Нова демократија доби нешто помалку од половина милион гласови повеќе од СИРИЗА.

Грчката владејачка партија претрпе големи загуби во целата земја, а посебно во северниот дел, каде што беа најгласни реакциите против Договорот од Преспа, па затоа не се ретки коментарите во Грција дека можеби СИРИЗА ја плати цената за решението со земјава, јави дописничката на МИА од Атина.

Во одредени изборни единици и општини, Нова демократија е дури и со двојно поголема разлика.

Во Северна Грција, во Касторија (Костур) и во Серес (Сер), Нова Демократија на Кирјакос Мицотакис е во водство со 20 проценти пред СИРИЗА и со добиени двојно повеќе гласови. Во Солун, Килкис (Кукуш) и на Халкидики разликата достигнува до 17 отсто, во Пела 15,40 проценти, во Флорина (Лерин) речиси седум, во Козани 8,77 отсто.

Највисока е разликата во јужниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез, во регионот Лаконија и достигнува 25,97 отсто. Нова демократија освои 42,81 проценти, а СИРИЗА 16.84 проценти.

За големиот успех на Нова демократија, а неуспех на СИРИЗА во Северна Грција, говорат и резултатите од локалните избори. Опозициската партија уште во првиот круг освои префекти во пет периферии, меѓу кои и во регионите Централна и Западна Македонија.

Апостолос Ѕиѕикостас, актуелниот префект на Централна Македонија и кандидат од Нова демократија за нов мандат доби 62,20 отсто гласови, а зад него е кандидатот на СИРИЗА со само 11,57 проценти. Пред пет години, на претходните локални избори, Ѕиѕикостас, кој е гласен противник на Договорот од Преспа, освои 32,81 отсто.

Во областа Западна Македонија, во Северна Грција, разликата меѓу првиот и вториот кандидат е повеќе од двојно поголема. Кандидатот на опозициската партија има 52,20 отсто, а актуелниот префект 24,83 проценти.

Спирѕис: Не се погриживме детално да го објасниме Договорот од Преспа во Северна Грција

Министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирѕис, говорејќи за грчката телевизија Open околу причините за поразот и цената што ја плаќа СИРИЗА, рече дека тие како Влада не се погрижиле во Северна Грција, детално да го објаснат Договорот од Преспа.

– Господинот Ципрас и сите ние, според моето мислење имавме погрешна тактика на локалните избори и за кандидатите што ги имавме, што повлече доста сили, не се погриживме во соодветниот момент во Северна Грција, детално да го објасниме Договорот од Преспа – рече Спирѕис и додаде дека исто така граѓаните уште ги немаат сфатено придобивките од владините позитивни економски мерки, кои имаат постојан карактер.

Нова демократија со историски највисока разлика на евроизбори во Грција

Нова демократија, со вчерашната победа постави и нов рекорд во Грција – постигна историски најголема разлика на европски избори помеѓу првите две партии. Освои 9,44 проценти од гласовите повеќе во споредба со СИРИЗА.

Нешто помала – 9,02 отсто, беше разликата меѓу Нова демократија и ПАСОК на евроизборите во 2004 година.

На претходните европски избори во Грција, во 1999 и 2004 победник беше Нова демократија, во 2009 ПАСОК, а во 2015 СИРИЗА.

Изненадувања за малите грчки партии

До пред четири месеци коалицискиот партнер во Владата на Ципрас, партијата Независни Грци не успеа да ја добие потребната поддршка од граѓаните и да го надмине изборниот цензус од 3 отсто. Партијата на Панос Каменос се најде на 15 место, со освои само 0,80 отсто, односно 37.214 гласа, наспроти речиси 200 илјади освоени во 2014 година.

Иста судбина имаа и уште две други партии, кои се дел од актуелниот грчки Парламент – Река на новинарот Ставрос Теодоракис и Сојузот на централисти на Василис Левендис. Првата освои 1,57 проценти или над 300 илјади гласови помалку од оние на евроизборите во 2014 година, а втората доби 1,45 отсто од гласовите на Грците.

Во Европскиот парламент, според 80 отсто од преброените гласови, со по еден пратеник влегуваат две нови партии. Едната на поранешниот член на ЛАОС, Кирјакос Велопулос, а другата на поранешниот министер за финансии на Грција во Владата на Ципрас, Јанис Варуфакис.

Грчко решение на Велопулос, освои 4,12 проценти , а Мера25 на Варуфакис – 3,03 отсто.

Партијата на Велопулос има десничарски карактер, се стреми кон развивање поблиски односи со Русија и е против името Северна Македонија за нашата земја.

Варуфакис, во минатото, со неговите изјави, коментираше дека Договорот од Преспа е добар, но изрази и негови лични замерки.

Доколку нема драстични промени во резултатите откако ќе бидат преброени сите гласови и партијата на Варуфакис не падне под три проценти, тогаш ќе добие еден пратеник во Европскиот парламент.

Златна зора загуби над 300 илјади гласачи

Она што предизвика позитивни реакции и коментари во грчките медиуми и во новинарските кругови беше малиот број гласови што ги освои неонацистичката Златна зора, споредено со европските избори пред четири години.

Иако партијата сепак ќе има свои претставници (двајца) во Европскиот парламент (еден помалку споредено со претходниот состав) сепак според досега преброените гласови, во споредба со евроизборите во 2014 година, загуби 311.449 гласови. На минатите европски избори освои над половина милион гласови, односно 9,39 отсто, а сега 225.601, односно 4,85 проценти.

ФОТО: EPA / SOTIRIS BARBAROUSIS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...