На повеќе светски медиуми деновиве се појавија податоци дека новата еколошка јахта на фирмата Синот јахт аркитекчр енд дизајн веќе ја поседува милијардерот Бил Гејтс, но компанијата ги демантираше наводите.
– Водородниот концепт Аква не е поврзан со г-н Гејтс, ниту со негови претставници, на каков било начин. Синот нема никакви деловни врски со г-н Гејтс – соопшти компанијата на својата интернет-страница.
Новата јахта „Синот аква“, долга 112 метра, со пет палуби и простор за сместување 14 гости и 31 член на посадата. Според повеќе медиуми, таа ќе чини над 600 милиони долари
Пловилото кое се движи на водород, се вика „Синот Аква“. Содржи базен, хелиодром, спа-центар, вежбалница, кино, салон за убавина и приватна палуба за набљудување со поглед кон океанот. Јахтата со еден резервоар минува 6.000 километри.
Јахтата, најавена на неодамнешниот Саем за јахти во Монако, најверојатно ќе заплови 2024 година.