Синдикат на администрација: Манчевски да не форсира трансфер на вработени од јавен во приватен сектор

„Доколку во најитен рок не се преземат рационални чекори на кои се договоривме, ние ќе го радикализираме нашето делување“, стои во соопштението на Синдикат на администрација и државна управа на Македонија.

620

Синдикатот на администрација и државна управа (САДУ) бара министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски да го исполни ветувањето за вклучување на синдикатите во функционалната анализа во институциите и бара да престане да форсира трансфер од јавен во приватен сектор на неприфатлив начин.

Според САДУ, изготвен е анкетен лист за функционална анализа во институциите без вклучување на синдикатот што е спротивно на ветувањата.

Синдикатот најавува дека ќе го радикализира делувањето доколку во најитен рок не се преземат рационални чекори на кои се договориле.

Низ повеќе состаноци со министерот, наведува во соопштение САДУ, беше разговарано и укажано дека за нас како синдикат оваа идеја е неприфатлива и оти жестоко ќе се спротивставиме доколку се реализира на начинот на кој беше презентиран. Впрочем САДУ во рамки на КСС низ низа протести во текот на минатата година бараше стопирање за трансферот од јавен во приватен сектор. Истиот предлог за рационализирање на јавниот сектор преку предвремено пензионирање и внатрешно дообучување и преквалификација декларативно беше прифатено од страна на министерот Дамјан Манчевски.

„Првично беше договорено и ветено дека на следната седница ќе биде побарано синдикатите да бидат вклучени во функционалната анализа, со цел да се избегне злоупотреба на истата и вработените да се делат на подобни и неподобни, туку по нивната стручност, заслуга и работа. Очигледно, сето тоа е само манипулација затоа што ветеното не се остварува и тоа го гледаме последниве денови, бидејќи е изготвен анкетен лист со кој се прави функционална анализа без вклучување на синдикатите, а од друга страна секојдневно се полни јавниот сектор со нови вработувања, па затоа кај нас се појавува сомнеж дека целиот проект за професионализација на јавниот сектор е проект за партизација на јавниот сектор“, стои во соопштението.

Доколку министерот не го исполни ветувањето, иако сме во период на техничка Влада, предупредуваат од САДУ , нема да ја премолчиме оваа неправда со која се нанесува зло на вработените, но и на јавниот сектор воопшто.

„Доколку во најитен рок не се преземат рационални чекори на кои се договоривме, ние ќе го радикализираме нашето делување“, стои во соопштението на Синдикат на администрација и државна управа на Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...