Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) утре ќе одржи протестен марш на 08.10.2019 година со цел, како што велат културните работници, да го изразат нивното незадоволство и разочарување од згазените социјални права поради отсуството на општ колективен договор веќе 15 години.
„Протестот има за цел да ги алармира Владата и Министерството за култура дека вработените во културата повеќе нема да толерираат газење на нивното достоинство и дека маршот е само вовед кон следните чекори во синдикалната борба за основни социјални права“, пишува во најавата.
Маршот ќе започне во 12 часот од паркот Ибни Пајко, позади Македонската филхармонија со краток говор на претседателката Сања Арсовска, ќе продолжи пред Владата, каде хорот на Националата опера и балет ќе изведе дел од операта „Хорот на Евреите“ од Набуко.
Маршот ќе заврши пред Министерството за култура каде по краток говор на секретарот Гоце Павловски, претседателите на сите 46 синдикални организации на СКРМ ќе ја пренесат пораката на маршот – „Колективен сега“, односно дека културата бара колективен договор кој ќе стапи на сила од први јануари 2020 година.