Синдикатот на прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бара државата да преземе суштински чекори за решавање на тешката состојба во оваа фирма, единствен загубар во земјава.
Според Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација, владата исплати плати, но досега ништо не презеде за подготвување на пакетот за технолошки вишок за 130-ина вработени, ниту се знае што е со стратегиски партнер, а рокот беше до почетокот на октомври.
– Состојбата во нашата фирма сѐ повеќе се влошува, а никој ништо не презема. Во Скопје бевме договорени дека во рок од три месеци, односно до почетокот на октомври, ќе го решат проблемот на 130 вработени и дека редовно ќе земаме плата, ќе се најде странски инвеститор и конечно ќе се реши нашиот проблем. Според договорот, успеавме само да земеме по 30 000 денари, што ни ги ветија, но со кои не го решаваме проблемот. Мислиме дека со технолошкиот вишок не се запознати никој: ниту владата, ниту фирмата и не знаеме каде е закочена работата. Досега луѓето требаше да заминат како технолошки вишок и да влезат во законот за стечајци. Имаме неколку писма испратено до владата, да прашаме што се случува и дали се работи. Тие секогаш ни велат дека се работи, ама сите знаат дека процедурата за технолошки вишок е два до три месеца. Но процедурата не е почната. Oсвен тоа ни велат дека сите што ќе заминат технолошки вишок да ги обештети фирмата, која, пак, нема никакви средства – изјави Богданоски.
Околу 260 вработени во „Еурокомпозит“ во моментов немаат никаков договор за работа. Сите досегашни договори се завршени, се бараат нови со министерствата, но нема никаква најава.