Силувањето е злосторство – Хрватска протестира поради насилство врз девојчиња и жени

Демонстрантите испратија порака дека неказнувањето на злосторства всушност е злосторство и оти жртвите на насилство во Хрватска не добиваат адекватна заштита.

104

Во Хрватска денеска се одржаа протести под мотото „Правда за девојчињата“ иницирани од групно силување во Задар и како правосудните органи постапуваа по случајот.

Демонстрантите испратија порака дека неказнувањето на злосторства всушност е злосторство и оти жртвите на насилство во Хрватска не добиваат адекватна заштита.

– Во судските процеси страдаат девојчиња и жени. Бараме итно преместување на судењето од Задар и да се обезбеди правично судење. Бараме во државниот буџет следната година да има доволно пари за советување за сите жени жртви на насилство. Бараме и конечно да се укине категоријата сексуален однос без согласност.Силување е силување, а силувањето е злосторство, беше истакнато на протестот во Загреб, кој воедно беше и најмасовен.

Протести беа одржани и во Задар, Сплит, Осиек, Риека и во Пула.

Од август минатата година до јули годинава пет момчиња на возраст од 17 до 19 години повеќе пати групно силувале 15-годишно девојче. Тие и го снимале силувањето, а со снимките ја уценувале жртвата. Еден од насилниците и повеќе пати го претепал девојчето.

Хрватската јавност беше згрозена од насилството, но се разбесни кога осомничените против кои беше поднесена кривична пријава беа пуштени да се бранат од слобода.

Жупанискиот суд во Задар вчера ја прифати жалбата на Обвинителството и на петтемина им определил едномесечен притвор. Тие се обвинети за тешки казнени дела против сексуалната слобода, сексуален однос без согласност, блудни работи, закани, телесни повреди, искористување на деца за порнографија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...