Силна порака од странските инвеститори: Бизнисот не е на пауза како што е Парламентот пред избори

Вицепремиерката Мила Царовска рече дека Владата веќе реализирала дел од она што го бараат странските инвеститори во Белата книга.

813

Намалување на царинските стапки и решавањето на проблемот со недостиг на работна рака се двете главни прашања на кои треба владата да поработи според странските инвеститори во земјава. Прашањата имаат понудени решенија во Белата книга која ја објавува Советот на странски инвеститори при Стопанската комора. Ова денеска го посочи Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на средбата со економскиот тим на Владата предводен од вицепремиерката Мила Царовска.

Петер, како што рече, смета дека бизнисот не треба да чека секогаш изборите да поминат за да донесува одлуки за работењето бидејќи одлуките треба да се носат кога е потребно, а компаниите да се развиваат.

– Директорите на компаниите, странските инвестиции и домашните компании да ги носат одлуките сега, а не да чекаат да поминат изборите. Бизнисот мора да напредува – апелираше Петер.

Тој додаде дека тоа е потребно оти глобалната економија и економијата во Македонија не се на пауза како што е Парламентот пред избори.

– Тие треба да се развиваат и да работат и затоа одлуките треба да се носат кога е потребно, а не да се чека да поминат изборите – рече Петер.

Тој додаде дека на денешната средба се зборува за економските реформи и она што го бараат странските инвеститори во Белата книга објавена во 2018 година која се однесува и на 2019 година.

– Ги нудиме решенијата, а не заборуваме за проблемите. Потребно е да се прифатат решенијата за царините и главното прашање недостигот на работна сила и спречувањето на одливот на кадар што е многу актуелно во земјава – рече Петер.

Вицепремиерката Мила Царовска рече дека Владата веќе реализирала дел од она што го бараат странските инвеститори во Белата книга.

– Од предлозите за 2018 година, досега реализирани се 10 проценти, дополнително околу 60 отсто се во процес затоа што имаме голем дел од законската регулатива во трудовото законодавство и новиот Закон за работни односи кој го правевме заедно со бизнис заедниците и голем дел од оние барања кои се дел од Белата книга се ставени во новото законското решение. Очекувам по изборот на новиот состав на владата да се достави до Собранието на донесување – рече вицепремиерката Царовска.

На средбата покрај неа присуствуваа и министрите за странски инвестиции Зорица Апостолска, Бардуљ Даути и Елвин Хасан, директорите на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски, на Фондот за иновации Јован Деспотовски и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Арбен Вила, како претставници на други државни органи.

Советот на странски инвеститори претставува повеќе од 130 компании во земјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...