Три лица загинаа во силна експлозија, која речиси уништи еден блок од станови во германскиот град Бремен, информираат службите за итни случаи.
Телата на 41-годишна жена и нејзиниот 7-годишен син биле пронајдени во урнатините. Експлозијата изби во 4:30 по локално време, соопшти полицијата.
Во пожарот настрада и седумдесетгодишна жена од соседната зграда.
– Експлозијата беше толку моќна што ги уништи внатрешните ѕидови и ги остави само надворешните – изјави портпаролот на противпожарната служба, Михаел Рихартц.
Автомобилите околу зградата настрадаа од парчињата кои се расфрлаа од експлозијата.
– Мислев дека паднал авион – изјави еден сосед на загинатите жени.
Засега не е позната причината за експлозијата, иако властите се сомневаат дека е истекување на гас.
Жителите на сите куќи во радиус од 100 метри од експлозијата се евакуирани. Околу 70 пожарникари се активирани.