Земјотрес со интензитет од шест степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во јужниот дел на Костарика, во близина на границата со Панама, соопшти американскиот Геолошки институт.
Епицентарот на земјотресот бил на 19 километри северно од градот Голфито, најужното пристаниште на Костарика и омилена дестинација на сурферите.
Портпаролот на противпожарната служба изјави дека земјотресот предизвикал помала материјална штета, но нема податоци дека некој е повреден.
По половина час регистриран е уште еден земјотрес со интензитет од 4,9 степени според Рихтер.
Во соседна Панама земјотресот најмногу бил почувствуван во пограничните провинции Чирики и Бокас дел Торо.