Почна градежни работи за рехабилитација на патниот правец Берово-Виница. Стартот на работите денеска беше означен во село Будинарци, Беровско. Ќе се рехабилитираат 11 километри од село Будинарци, а рехабилитацијата ќе се одвива на четири најоштетени делници во правец кон Виница. Вредноста на инвестицијата е 1,9 милиони евра, а увид во градежните работи извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
– Сакам да потенцирам дека за нас како Влада е исклучително важно да се реализираат проектите во овој дел од државата каде се инвестираат одколу шест милиони евра. Денеска сме тука да извршиме увид во работата на патниот правец Берово -Виница. Исто така во моментот се работи на патот Берово – Клепало, кој што ќе значи поврзување со граничниот премин со Република Бугарија – истакна Сугарески.
Дополнително тој најави уште два проекта во Берово што ќе се реализираат преку Министерството за транспорт и врски.
– Едниот проект е водовод за село Двориште, што треба да биде тендериран за две до три недели и потоа имплементиран. Исто така, треба да се тендерира и проектот за изградба на водовод во населбата Беровско езеро. Со ова покажуваме дека за Министерството за транспорт и врски и Владата, општините остануваат партнери во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните – рече Сугарески.
Со отпочнувањето на рехабилитацијата на патниот правец од Берово кон Виница како што истакна Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта заедно со останатите патишта комплетно се рехабилитира патната мрежа во Малешевијата.
– Конкретно се работи за патна мрежа во должина од 42 километри која повеќе од 40 години не е обновена и на која има такви оштетувања со што мора паралелно да се работи на неколку патни правци. Досега завршија работите на патниот правец Делчево-Звегор- Граничен премин, вчера заврши асфалтирањето на патниот правец Делчево-Пехчево, патниот правец од Берово кон Виница се очекува да се рехабилитира најдоцна до крај на месец август, исто како и патниот правец од Берово кон граничен премин Клепало, со што комплетно ќе се заокружи рехабилитацијата на патната мрежа во Малешевијата – истакна Китанов.
За довршување на работите како што додаде, ќе се работи и на реконструкција на два моста од кои еден на патниот правец Берово – Струмица кај Суви Лаки.