Израелските пратеници поднесоа предлог-закон со кој ќе биде распуштен Кнесетот и ќе се организираат трети парламентарни избори за помалку од една година.
Тоа првпат се случува во историјата на Израел, каде со месеци има политички застој, бидејќи нова влада не е формирана и по два парламентарни избори, што се одржаа во април и во септември.
Двете најголеми партии, конзервативниот Ликуд и сојузот на партии од центарот Сино и бело не успеаја да се договорат за влада на единство, а рокот за мандатар истекува утре на полноќ.
Предлог законот е поднесен од пратениците на ривалските партии и за него ќе се гласа утре.
Усвојувањето на предлог-законот за распуштање на Кнесетот е формалност. Ако биде изгласан третите парламентарни избори би се одржале на 2 март 2020 година.
– Под исклучителни услови што се појавија и по две изборни кампањи, една по друга, при што не е формирана влада се предлага распуштање на 22. Кнесет, се наведува во предлог законот.
Ниту премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ниту неговиот опонент Бении Ганц не формираа коалициска влада по изборите на кои немаше јасен победник.
Според анкетите, ниту третите избори нема да бидат драстично поинакви.
И априлските и септемвриските избори се сметаа за референдум за Нетанјаху против кого неодамна беше подигнато обвинение за измама и злоупотреба на довербата во три корупциски случаи, вклучувајќи и мито во едниот од нив.
Поранешниот командант на израелската армија, лидерот на Сино и бело, Ганц одби да биде во влада предводена од Нетанјаху. Додека Нетанјаху одби да се повлече, а има поддршка од неговата партија и гласачите.
Ганц, по поднесувањето на предлог-законот за распуштање на Кнесетот, истакна дека се уште има време за да се избегнат скапите и непотребни избори, како и дека Сино и бело се уште се труди да формира влада без да се откаже од своите принципи.
Тој исто така го повика Нетанјаху да вети дека нема да бара парламентарен имунитет и да „не прави од Кнесетот засолниште за криминалци“.
Ако Нетанјаху се согласи, Ганц оценува дека може да се изнајде решение и да се формира влада.
Нетанјаху се согласи дека не е доцна за формирање на широка влада на едниство, но ништо не вети.