Повеќе капитални инфраструктурни проекти ќе се реализираат оваа и следната година за подобрување на инфраструктурата на индустриската зона во Момин Поток, најавија денеска градоначалниците на Град Скопје Петре Шилегов и на општија Карпош Стефан Богоев кои денеска се сретнаа со повеќе стопанственици, сопственици на фирми кои работат во оваа зона во Карпош.
Градоначалникот Богоев осврнувајќи се на инфраструктурните зафати информира дека Општина Карпош во февруари, оваа година постави ново осветлување во Момин Поток, електрична линија во должина од 1.400 метри, нови 30 дрвени столбови на кои се поставени 40 нови светилки.
– Остваруваме редовни средби со бизнис заедницата и водиме особена грижа за изградба на подобра инфраструктура во овој реон. Започнува и изведбата на нова водоводна мрежа, а на крајот на летото претстои и асфалтирање на дел од сервисните улици и тротоари. Се обврзавме, тековно да го чистиме и одржуваме овој потег во Карпош, кој претходно беше запоставен – рече Богоев.
Градоначалникот Шилегов, пак, говореше и за повеќе капитални инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат следната година. Тоа се спојување на улицата „Љубљанска” со другиот брег на реката Вардар (преку мост), како и продолжување на булеварот „Словенија” со што се очекува да се намали сообраќајниот метеж, и да се овозможи поголема поврзаност меѓу урбаното подрачје во Карпош и периферијата.
– Императив е да сме заедно, партнерски да ги спроведуваме проектите кои се во интерес и на Вас како бизнис заедница, но се во полза и на сите граѓани на Градот Скопје бидејќи, се овозможуваат нови работни места – посочи Шилегов.
На средбата присуствуваше и директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски кој за новата водоводна мрежа која ќе се изведе на овој потег, рече дека станува збор за Проект во вредност од 15 милиони денари, а целта е да се обезбедат услови за непречен раст и развој на индустриската зона.
Стопанствениците потенцираа дека подобра инфраструктура е од особена важност, бидејќи тоа е еден од основните предуслови, кој ќе ги привлече и странските инвеститори.
Индустриската зона Момин Поток постои од 1964 година. На почетокот егзистирале голем број фирми од земјите во регионот, а денес, најголемиот број од бизнисите се домашни