Како и во сите други земји со католичка традиција, Божиќ е најголемиот и најважниот семеен празник во Белгија.
Иако бројот на верници и посебно на оние кои ја практикуваат религијата постојано опаѓа, како и насекаде во Западна Европа, 25 декември останува централен момент за Белгијците од сите социјални слоеви да се најдат со своите семејства, да разменат подароци под елката и да имаат свечена вечера.
Традиционално, семејствата се собираат вечерта на 24 декември, најчесто околу печена мисирка или гуска, иако секој регион познава различни обичаи. Па така, на југот на земјата се уште преовладуваат типичните црни и бели колбаси наречени „буден“ со црвена или зелена зелка. Додека за десерт се ужива во традиционалните белгиски бисквити „спекулос“ или слатките лепчиња наречени „куњу“, кои за време на Божиќ се печат во форма на Исус или Свети Никола.
Во урбаните и посекуларните средини преовладуваат се почесто модерни менија како дивеч, познатиот француски “фоа гра“ од гуска или патка, остриги и секако вино и шампањско.
Но, според црковните обичаи, Божиќ, потсети Папата Франциско во својот редовен говор на 24 декември, не е време за раскош, туку време кога верниците треба да „споделат“ и да мислат на другите. Папата синоќа остро ја критикуваше алчноста на потрошувачките општества и го повика верниците да размислат за „духовната смисла“ на нивните животи и на најсиромашните.
– Човекот стана алчен, да се има, да се собираат предмети за многумина се чини стана смислата на животот – порача Франциско од Рим. Тој констатираше дека денес едни се насладуваат со огромни оброци, додека други имаат само леб за да преживеат.
Белгија останува доста религиозна земја и покрај секуларноста на државата. Па така, според белгиската Католичка црква, оваа година речиси еден милион Белгијци присуствувале на барем една божиќна миса или на 24 или на 25 декември.
Но, се поголем број Белгијци одлучуваат Божиќ да го посветат на волонтерската работа, наместо на подароци и вечери.
Според официјалните бројки, Белгијците секоја година одвојуваат се повеќе пари за хуманитарни цели. Во 2016, според Министерството за финансии, одвоени се рекордни 224 милиони евра. Прва организација на списокот на донации во Белгија со години останува Црвениот крст .
Што се однесува до волонтерството, секој осми Белгиец денес е активен во оваа област, односно 1,2 милиони граѓани, бројка која, исто така, постојано расте од година в година од 2010 наваму, додека пак 15 отсто од населението живее во ризик од сиромаштија.
Волонтерите најчесто работат за Црвениот крст, а популарна е и француската организација „Ресторани на срцето“, која секоја година, и не само за Божиќ, подготвува оброци за најранливите категории.
Истовремено, федералната влада одвојува се помалку пари за сиромашните. Од предвидените сто милиони евра во 2018 година, искористени биле само 60.