Поволните временски услови минатава есен и пролетта која изобилуваше со дождови, ветуваат високи приноси пченица. Производителите очекуваат надпросечен род во однос на претходните години, особено од површините кај кои се употребени агротехнички мерки.
Јачменот е 70 до 100 отсто искласан, а пченицата е во фаза на интензивен раст. Класањето на раните сорти се очекува да заврши во наредните 15 дена.
– Ова е една од подобрите години за житарките, барем до овој момент. Јачменот и пченицата се во одлична фаза, а болести нема. Има предуслови дури и за рекордни приноси, особено ако околу почетокот на мај заврне дожд, 10 до 15 литри по единица површина. Ова се однесува на локалитетите во кои се применуваат агротехнички мерки, каде прихраната е завршена и се спроведени заштитата од болести и хербицирањето – вели во разговор за МИА Огнен Оровчанец, сопственик на „Агроунија“ и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори.
Со оглед дека минатиот месец имаше брз, интензивен раст на житните култури, стопанствата и индивидуалните производители кои задоцнија со хербицирање треба да ги испрскаат посевите, да ги истретираат против плевели, зашто, во спротивно, не ќе можат да жнеат.
Оровчанец укажува дека Македонија има капацитет да произведува доволно за да ги подмири сопствените потреби, но засега, површините со жито се преполовени. Пред 20 години под пченица биле 120.000 до 140.000 хектари, а под јачмен 60.000 – 70.000 хектари. Есенва, пак, сеидбата се реализира на околу 70.000 хектари од кои 40.000 со јачмен.
Според него, интересот за производство може да се зголеми многу едноставно, ако се реши откупот.
– Клучна мерка може да биде откупот на 30.000 – 50.000 тони преку стоковните резерви во четири до пет локалитети. Тоа веднаш ќе се почувствува на зголемување на површините, што, пак, ќе значи и поголеми вкупни приноси – нагласува Оровчанец.
Во разговорот за МИА, потенцира и дека обемната регулатива го парализира и поскапува производството, а големите комбинати се клучни за развој на земјоделството зашто се носители на технолошкиот развој.
Македонија, смета Оровчанец, се уште лута и ги нема дефинирано стратегиските земјоделски производи.