Се олеснуваат условите за производство на вино во малите винарии

194

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за вино, во второ читање, со кои се подобруваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките производители.

За измените не гласаа пратениците од опозицијата, бидејќи тие сметаа дека овој закон не ги решава проблемите на лозарите како што се загарантираниот откуп и загарантирана цена, туку се однесува повеќе за винариите.

На малите винарии, кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, со измените им се дава можност да работат со ангажиран енолог, а не како досега да мора да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе можат да произведуваат вино со какво било завршено средно образование.

Во прво читање помина Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана со кој се усогласуваат одредени негови делови со стандардите на НАТО, а се врши и терминолошко усогласување и прецизирање на  одредени поими.

Заменик министерот за одбрана Беким Максути рече дека имајќи предвид дека земјата се наоѓа во еден од најкритичките моменти за нејзиното полноправно членство во НАТО, со законот се врши усогласување со членот 5 од НАТО Пактот, дополнително се вршат измени за усвојување на основните стратешки одбранбени документи и за преуредување на надлежностите на државните органи во областа на одбраната во смисла на ова членство.

Се предлага, меѓу другото, уредување на надлежностите на Владата да одлучува за влегување и излегување на вооружени сили на странски држави внатре и надвор од територијата на Републиката, поминување или престој во врска со нивното учество на вежби, обука, хуманитарни операции, меѓународни операции, НАТО мисии и операции и во примената на правото на индивидуална или колективна самоодбрана, операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, како и во команди, штабови и воени единици на меѓународни организации на територијата на Републиката, во согласност со меѓународните договори ратификувани согласно Уставот“.

Пратениците ги поддржаа во прво читање и потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за правда на децата, како и Предлог законот за лобирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...