Кредитните услови и за домаќинствата и за претпријатијата во третиот квартал годинава бележат олеснување,но е забележан минимален пад на побарувачката, покажуваат податоците од Анкетата направена од Народната банка. За четвртиот квартал се очекува натамошно олеснување на кредитните услови, но и пораст на побарувачката на кредити.
Кај корпоративниот сектор поизразено олеснување на условите има за кредитите на малите и средни претпријатија и за краткорочните кредити. Поголем дел од банките односно 82 отсто во анкетата рекле дека не ги промениле услови при одобрување на кредитите на претпријатијата.
Најголемо олеснување е забележано кај каматната стапка, како и во однос на барањата за обезбедување.
Кај кредитирањето на домаќинствата олеснување на условите за кредит е забележано кај станбените и кај потрошувачките кредити. За станбените кредити, околу 59 отсто од банките рекле дека ги олесниле условите, што е највисок процент во последниве пет години. За потрошувачките кредити, пак, околу една третина од банките укажуваат дека имаат олеснување на условите за кредитирање, но и натаму најголем дел од банките упатуваат на непроменети услови.
Олеснувањето на кредитните услови во поголем дел произлегува од каматната стапка кај двата типа кредита на домаќинствата.
Банките ја наведуваат конкуренцијата како главен услов за промена на политиката на кредитирање во однос на условите за одобрување на кредитите.