Се модернизира трафостаницата „Скопје 4“

Модернизацијата на 400/110 киловолтната трансформаторската станица „Скопје 4“, информираат од АД МЕПСО, е дел од кредините аранжмани со ЕБОР, инвестициски пакет вреден над 50 милиони евра.

79

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и генералниот директор на АД МЕПСО Ева Шуклева денеска ја посетија 400/110 киловолтната трансформаторската станица „Скопје 4“ каде што е во тек ревитализација и модернизација на опремата во вредност од 4,9 милиони евра. Реконструкцијата опфаќа промена на целата високонапонска опрема, 400 и 110 киловолтни прекинувачи, растовувачи, мерни трансформатори, како и најмодерна опрема за далечинско управување (SCADA) и нова генерација нумерички заштитни релеи.

– Ова е првата 400-киловолтна трафостаница во земјава изградена во 1978 година и е најголемата реконструкција од постоењето и изградбата. Инвестицијата е 4,9 милиони евра, поддржана со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорот е потпишан со изведувачот „Кончар“ од Хрватска, а има и македонски подизведувачи. Битноста на оваа реконструкција е затоа што од оваа трафостаница се напојуваат 110 киловолтните трафостаници во 70 отсто од регионот на Скопје и околината, меѓу кои се и индустриската зона Бунарџик, аеродромот, централното градско подрачје – изјави Шуклева по увидот во реконструкцијата.

Таа нагласи дека со реконструкцијата на трафостаницата ќе се добие поголема стабилност, помалку испади и помалку средства за одржување, со што, како што рече, ќе се подобри и климата за инвестиции во индустриските зони, а ќе има и поквалитетно напојување за граѓаните.

– Договорот за реконструкцијата е потпишан во септември 2018, рокот за завршување на работите е 30 месеци, односно до мај 2021 година. Очекуваме работите да завршат порано, бидејќи целата опрема е веќе пристигната и се поставува – рече Шуклева.

Министерот Сугарески посочи дека модернизацијата на трафостаницата е од исклучителна важност за граѓаните и компаниите во Градот Скопје и дека ќе обезбеди непречено и квалитетно снабдување со електрична енергија. Нагласи дека на терен се реализираат сериозни инвестиции во електропреносниот систем од кои само тековните проекти во четири трафостаници се вредни над седум милиони евра

– Луѓето што работат тука ме информираа што ќе значи како подобрување опремувањето и модернизацијата на оваа трансформаторска станица. Како што спомна и директорката во најголема мерка ќе имаме непречено и квалитетно снабдување со електрична енергија на поголем дел на објекти низ градот Скопје – рече Сугарески.

МЕПСО, потенцира, веќе работи на модернизација на електропреносниот систем на повеќе локации низ државата.

– Бевме на увид во изградбата во делот на далекуводот кај Штип и Пробиштип. Паралелно се најавени уште три проекти поврзани со далекуводи и тоа кај Прилеп – Битола, Штип – Овчеполе и Велес – Овчеполе. Сметаме дека во натамошниот период ќе имаме силна офанзива во делот на модернизација се со цел да им овозможиме на граѓаните и на компаниите во наредниот период да немаат никаков проблем со електричната енергија – рече Сугарески.

Модернизацијата на 400/110 киловолтната трансформаторската станица „Скопје 4“, информираат од АД МЕПСО, е дел од кредините аранжмани со ЕБОР, инвестициски пакет вреден над 50 милиони евра во кој е предвидена ревитализација на девет трансформаторски станици, изградба на шест далекуводи во националната преносна мрежа, изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница кај Охрид и изградба на нов 400 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува нашиот и албанскиот електроенергетски систем.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...