Ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. Висок процент на поништени тендери како и одбегнување на електронскат аукција се наведуваат како практика и во последниот Извештај од мониторинг на јавните набавки на локално ниво на Центарот за граѓански комуникации.
Според извештајот, на тендерите кои биле цел на набљудување просечно се јавувале по 2,8 понудувачи.
„Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40 отсто во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години“, се констатира во Извештајот.
Процентот на поништени постапки за јавни набавки се искачил на 20 отсто, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50 отсто од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.
Во извештајот се наведува дека електронската аукција се одржала само во 58 отсто од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.
Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28 отсто од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.