Бројот на загинати при уривањето на станбен блок во рускиот град Магнитогорск се зголеми на 33, а осум лица и натаму се водат како исчезнати по експлозијата на системот за гас, што предизвика уривање на зградата на 31 декември, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.
Експлозијата предизвика уривање и оштетување на 48 станови во станбениот блок.
Рускиот истражен комитет смета дека причина за несреќата е експлозија на гас во едно домаќинство.
Еден од жителите на зградата доживеа, како што изјави, „новогодишно чудо“, откако неговиот 11-месечен син Иван Фокин беше пронајден жив под урнатините, 36 часа по инцидентот. Бебето е префрлено во московската болница со повреди на главата и со хипотермија, бидејќи под урнатините поминало на температури под нулата.
Руската министерка за здравство Вероника Скорцова изјави дека бебето е на интензивна нега и надвор од животна опасност.