Се готви план со притисоци и уцени за Србија?

715
ФОТО: EPA/KOCA SULEJMANOVIC

Весникот „Српски телеграф“ објави 11 „клучни точки“ од документот наречен “План за поддршка на меѓународната интеграција на Косово“, кој,според наводите, во Вашингтон го усвоиле САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.

Во нив, како што тврди весникот, детално е разработен план со притисоци и уцени, чија крајна цел е уништување на Србија, односно целосна независност на Косово и оддалечување на Белград од Москва.

Како клучни точки во тој „вашингтонски документ“ се наведени целосен суверенитет на Косово и членство во ОН, потоа притисок врз сите членки на ЕУ кои не го признале Косово, како и лобирање во ОН и Советот за безбедност да се укинат и затворат за јавност редовните седници на СБ за Косово.

Тука се и намерите да се спречи секоја иницијатива за поделба на Косово, одземање на сите можни извршни овластувања на Заедницата на српски општини, прием на Косово во Интерпол, УНЕСКО, Советот на Европа, Светската царинска организација, како и брутални притисоци врз државите кои размислуваат да го повлечат признавањето на Косово.

Меѓу точките од тој план, пишува „Српски телеграф“, е и се поголемото условување на Србија со отворање на поглавијата во преговорите со ЕУ, притисок врз соседните земји за отворање билатерални спорови со Србија, пред се околу границите, потоа измислување афери против српскиот претседател Александар Вучиќ и неговите најблиски соработници, како и поголемо финансирање на невладини организации кои се против актуелната власт во Србија.

Весникот додава дека средбата на петте светски сили е одржана на денот на воената парада во Москва, дека некои детали од планот ги открил шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, а оние „полошите“ сегменти протекле од дипломатските кругови.

Како што се наведува, Дачиќ изјавил дека пред изработка на планот било формирано посебно тело – работна група за признавање и прием на Косово во меѓународните организации, дека со состанокот претседавал заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, а документот е направен во соработка со Кетрин Бонди, службеничка во одделот за Косово при канцеларијата на Стејт департментот за европски и евроазиски прашања.

– Дојдовме до документи кои покажуваат како која земја ќе гласа и кој ќе помогне за секоја држава. Од Емиратите дури се бара тие да им платат на земјите кои немаат пари да дојдат на конференцијата за членство во Интерпол, која ќе се одржи кон крајот на годината, со цел да гласаат за прием – истакна Дачиќ, додавајќи дека Западот ја форсира Приштина да не прифаќа било какви преговори, единствено за независност.

ФОТО: EPA/KOCA SULEJMANOVIC

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...