„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) не планира да се откаже од лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје со рок од 30 години и покрај тоа што топловодната мрежа од неодамна е предадена во трајно користење на новото акционерско друштво Градски енергетски системи (ГЕС). Градот Скопје преку ГЕС сака да стопанисува со греењето во Скопје за што поднесе и барање за добивање лиценца. Од Регулаторната комисија за енерегетика најавуваат транспарентно водење на постапката и дека ќе се почитуваат законите при одлучувањето за барањето на Градски енергетски системи.
Прашањето за тоа кој ќе им дистрибуира топлина на скопјани се постави откако Владата одлучи топлинската мрежа во Скопје да ја даде во трајно кроистење на Град Скопје, односно на Градски енергетски системи АД.
БЕГ се повикува на лиценцата за парното дадена на 30 години, почнувајќи од 2013 година.
– Дистрибуција на топлина „Балкан Енерџи“ ДООЕЛ поседува лиценца за дистрибуција на топлина во градот Скопје и доследно ќе ги извршува обврските од лицентата за целиот период на нејзиното важење до 2047 година – велат од БЕГ.
Градски енергетски системи, пак, се сигурни дека треба да ја добијат бараната лиценца бидејќи ги исполнуваат одредбите од Законот за енергетика според кои топловодната мрежа во Скопје е сопственост на државата.
– ГЕС ја поседува топловодната мрежа на трајно користење, односно го поседува имотниот лист за мрежата, а тоа е еден од условите потребни за нормално одвивање на дејноста. Значи по сила на закон ние треба да ја добиеме лиценцата за дистрибуција на топлина – изјави неодамна диркеторката на ГЕС Александра Маројевиќ.
Од Регулаторната комисија за енергетика која треба да одлучи дали ќе даде лиценца и на ГЕС за дистрибуција на топлина велат дека постапката е почната со поднесувањето на барањето.
Претседателот на комисијата Марко Бислимовски вели дека постапката ќе се води транспарентно.
– За да обезбедиме законитост на целата постапка ние веќе доставивме писма со кои ги информираме БЕГ и Друштвото за станбен и деловен простор за да добиеме мислење во врска со договорот при преземањето на топлификациската мрежа. Чекаме да ги добиеме нивните мислења и да ја почнеме постапката за разгледување на документите и донесување одлука по барањето – вели Марко Бислимовски, директор на РКЕ.
Од БЕГ не откриваат каков одговор ќе им дадат на регулаторите, но од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор информираат дека писмото е стигнато до нив и подготовуваат одговор.
– Во тек е изготвување одговор од страна на стручните служби на нашето Друштво и на РКЕ ќе му биде доставен во најкус можен рок – велат од АДСДП.
Друштвото во чија сопственост беше и топловодната мрежа во Скопје во 2013 година ја даде под закуп на топловодната мрежа со Балкан енерџи груп.
– Документот со кој се утврдува начинот и правилата на нејзин закуп е согласно условите во Огласот за издавање (објавен во декемри 2012 година според кој право на учество имаат сите домашни и странски правни лица), како и согласно Правилникот и законската регулатива. Покрај останатите, Договорот содржи општи и одредби од Законот за облигациони односи. Ги регулира договорните обврски во однос на висината на закупнината, обврски во однос на тековно и инвестиционо одржување на топловодната мрежа – велат од АДСЕЛ, но не кажуваат дали ќе има последици за државата со раскинувањето на овој договор.
Согласно Законот за енергетика, топловодната мрежа во Скопје е сопственост на државата. Производните капацитети (топланите Исток и Запад) се сопственост на Топлификација АД, која му ги даде под закуп на БЕГ.