Емилија Бошковска, сестра на Марија Бошковска Јанковски, директорка на Централниот регистар од август минатата година е вработена во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) како самостоен референт за маркетинг.
Вработувањето го потврди и директорката на Централен регистар.
– Да сестра ми е вработена во АДСДП уште лани во јули или август, но јас не вработувам таму и не сум се обидела да влијаам на изборот на кандидатите на огласот. Не дека ми е сестра, но таа е прв студент на генерацијата со сите десетки – изајви за Плусинфо Бошковска Јанковски.
Од АДСДП потврдуваат дека Емилија Бошковска, е вработенa на неопределено време.
– Лицето е вработено на работно место самостоен референт за маркетинг во Одделението за маркетинг и односи со јавноста. Бошковска е вработена врз основа на објавен Јавен оглас на кој конкурираа 7 кандидати – велат од АДСДП.
Од друштвото појаснуваат и дека таа ги исполнила бараните услови од конкурсот.
– Комисијата за вработување во законска процедура има констатирано дека ова лице ги исполнува сите услови согласно законот и условите од Огласот за склучување на договор за вработување – појаснија од АДСДП.
Емилија Бошковска по стручност е дипломиран психолог. Пред да се вработи во АДСДП се обидела да води козметичко-фризерско студио, но немала успех и морала да ја затврои фирмата.