Сергеј Андреевски: За замајување на народните маси татко ми е најцитиран во Собранието

„Дениција“ е поетска книга која буквално е посветена на мајка ми, Светлана Христова-Јоциќ, македонската Фрида Кало.

1436

Пиреј е заштитниот знак на Македонецот. Тоа е нашата лична карта. Во романот сѐ е објаснето за нас Македонците, народ во исчезнување. Народ со огромна самоуништувачка моќ, вели сликарот Сергеј Андреевски, син н анашиот познат поет и писател Петре М. Андреевски.

Со Андреевски зборуваме за неговата неодамнешна самостојна изложба, но и за секогаш актуелните теми поврзани со пирејот, македонскиот народ опишан во прочуениот роман на неговиот татко, за креативното наследство во неговото семејство, Дениција и славењето на пирејот.

– Вечното почивалиште на татко ми, Петре М. Андреевски, е често посетено место од литературни вљубеници, авантуристи и обични посетители, иако тука државата буквално ни со прст нема мрднато. Секако, имаме безброј примери каде што таа активно вложува огромни средства за безначајни проекти додава Андреевски.

Неодамна се случи твојата самостојна изложба во „Акантус“. Задоволен ли си како помина изложбата?

Би бил неискрен ако не истакнам дека сѐ уште сум под силни импресии од моето последно самостојно претставување во галеријатаАкантусво Скопје. Посетата од публиката беше прилично голема, особено што галеријата е релативно новоотворен изложбен простор. Соработката со сопственикот Бојан, секако и кураторот Марина Лешкова, беше многу професионална. Посетителите беа среќни, добив безброј комплименти и, секако, дел од сликите завршија на ѕидовите од гостите, што беше уште едно признание за убаво завршената работа.

Често патуваш во соседните и во европските земји и ретко човек може да те улови дома. Од која дестинација се врати овојпат?

Патувањата се полначот на моите ликовни креации. Тие духовни скитања ги обновуваат моите творечки батерии. Континуираните патувања се еден вид тренинг за моите уметнички сензори. Тие ја надополнуваат мојата креативност, и мојата способност за нови ликовни потфати е побогата и поразновидна. Без патувањата моите очи би биле подзатворени или недоволно отворени, а токму во погледот кон широчината се крие тајната на создавањето. Отсекогаш бев насочен кон патувања и запознавања на далечни земји. САД, Јапонија, Кина, Северна Африка, но не пропуштам да посетам и места, или покани, како чудесната Црна Гора, на пример, од каде тукушто се вратив.

Ако не си некаде надвор во странство, а не си ни во Скопје, тогаш сигурно си во Слоештица. Што за тебе значи уметничкото гумно во Слоештица?

Слоештица е местото каде што се наоѓа нашето уметничко гумно. Секако, целото семејство учествува во жнеењето на уметничките плодови. Таму, наместо коњи кои кружат околу централната оска, наречена стожер, уметници од целиот свет го вртат проблемот наречен уметност и ги вкрстуваат четките и своите креации.

Таму е моето тајно срце, скриено меѓу камењата довлечкани од разни страни на Горен Демир Хисар. Таму, исто така, покрај поддршката на уметноста, активни сме и во делот на зачувување на човековата околина. Така стануваме дел од светската заложба за зачувување на природното наследство од планетава. Токму пред извесен период Меглен, нашиот син, имаше промотивен настап во рамките на УНЕСКО во Виена. Неговата презентација беше прогласена за најуспешна. Така што ние отсекогаш сме и остануваме дел од таа многу важна приказна, насочена на зачувување на иднината на сите нас, и поблизу и подалеку.

Секогаш со голема доза на возбуда раскажуваш анегдоти за дедо Мито од Слоештица, дали е тоа изворот на твојата инспирација и мудрост?

Дедо Мито беше и остана столбот на Андреевци. Тој секогаш ми асоцира на нашите стари македонски домаќини. Мудри, стамени, сѐ помалку ги среќаваме во последно време. Дедо ми беше вљубеник во земјава, во грижата за поколенијата, раскажувач пар екселанс, голема фигура.

Јас дружев катадневно со него. Бевме заедно и кога не бев до него. Сѐ уште стоиме еден до друг. Така, во овие духовни невремиња, јас чекорам полесно, се обидувам да ја продолжам неговата мисија. Сѐ е исто, само јас користам бои и тоа полесно го правам со бои. Знам да го насликам, бидејќи сѐ уште јава со својот коњ пред мене, задуман качувајќи ги врвовите на нашата планина. Тој е вистински пример дека човекот е надмоќен. И дека ја поседува природата.

Во Слоештица, исто така, се наоѓа и гробот на еден од столбовите на македонската литература, на татко ти, Петре М. Андреевски. Како се слави пирејот?

Гробот на татко ми најреално го објаснува феноменот на продолжување на животот на еден творец и по физичкото отсуство. Неговото вечно почивалиште е често посетено место од литературни вљубеници, авантуристи и обични посетители, иако тука државата буквално ни со прст нема мрднато. Секако, имаме безброј примери каде што таа активно вложува огромни средства за безначајни проекти. Дури и во Парламентот од осамостојувањето до денес татко ми е најцитираниот автор, но овојпат за задоволување и заведување, или замајување, на народните маси.

Што за тебе значи пирејот, иако татко ти до детаљ го има објаснето тој принцип на живеење?

Пиреј е заштитниот знак на Македонецот. Тоа е нашата лична карта. Во романот сѐ е објаснето за нас Македонците, народ во исчезнување. Народ со огромна самоуништувачка моќ. Секако, во зборот „пиреје содржано и правдољубието, честа, вистината за себе и светот околу тебе.

Пирејја опишува или ја раскажува татковината, традицијата, ги покажува белите речни жубори, прашината во август, птиците, рибите, целата наша распослана убавина, што сѐ помалку ја има, исчезнува полека, како што рисот е набркан од консумирачкото, од глобалното што толку многу е надојдено, нѐ гуши, не ни дава да земеме воздух со раширени гради. Тоа глобално што нѐ притиска, што би рекол дедо ми, така, потака и надтака. Во романот „Пиреје опишана љубовта кон татковината со прости, едноставни думи. Тоа е повеќе од чувство, спонтано и моќно, но во исто време сложено, ако погрешно се сфати.

Која е Дениција?

– „Дениција“ е поетска книга која буквално е посветена на мајка ми, Светлана Христова-Јоциќ, македонската Фрида Кало. Не знам дали воопшто беше сфатена и како личност, и како поет. Во „Дениција“ татко ми силно раскажува во стихови, поистоветувајќи ја љубовта кон саканата и љубовта кон татковината.

Плодните корени создаваат креативни нови уметници. И твојата ќерка, Воскресија, продолжува по патот на своите претци. Каков аманет ти оставија тебе и каков аманет и оставаш ти на Воскресија?

– Воскресија ја продолжува нашата семејна уметничка традиција. Тој податок мене ме прави радосен и исполнет. Во комуникацијата со неа, јас секако сум повеќе постар колега, а помалку родител. А уште повеќе ме прави среќен податокот што таа го слуша сопственото срце кога се работи за патот во уметноста, што таа самата го трасира и чекори.

Фотографија: Рената Паписта

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...