Сервер: На Трамп му треба Косово поради импичментот, продолжување на дијалогот дури по изборите во Србија

275
FOTO MIA

Претседателот на САД Доналд Трамп бара каков било меѓународен успех кој би го свртел вниманието од неговиот импичмент и судењето во Сенатот, изјави професорот на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон и експерт за Балканот, Даниел Сервер.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Сервер оцени дека не е реално дијалогот меѓу Белград и Приштина да продолжи пред формирањето на косовската влада и оцени дека може уште повеќе да се одложи поради предизборната кампања и изборите на пролет во Србија.

Сервер верува дека и Приштина и Белград мора истовремено да повлечат чекори и да ги укинат таксите и да ја прекинат кампањата за повлекување на признавањето на Косово.

На прашањето дали размената на територии е сè уште на маса, Сервер кажа дека станува збор за „зомби идеја“ која талка низ светот, барајќи некој да ја оживее.

– Не би ме изненадило да пронајде некого, но не мислам дека тоа е добро или изводливо. Главната бариера е фундаментално дипломатска, а тоа е реципроцитетот. Што и да добие Србија на север, ќе мора да биде еквивалентно на југ, а истото важи и за Косово. Мислам дека никој не е подготвен за тоа – изјави Сервер.

Тој истакна дека смета оти договорот меѓу Белград и Приштина е можен и дека ќе мора да подразбира Србија во некоја форма ја прифати косовската независност и територијалниот суверенитет, како и размената на дипломатски претставници на ниво на амбасадори.

– Ќе бидат потребни јасни одредби во врска со заштитата на малцинствата и српското културно и верско наследство на Косово, како и еднаква заштита на малцинствата, вклучително и на албанското во Србија – посочи Сервер.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...