Семејството на прерано починатата диџеј ѕвезда Авичи (Тим Берглинг), излезе со нова изјава во која имплицира дека шведскиот музичар се самоубил, бележат светските медиуми.
Во соопштение на шведски јазик, семејството на диџејот се заблагодарило на јавноста што ја почитувала нивната приватност во овој тежок период, како и на поддршката што секојдневно им се нуди од сите страни на светот, но испратиле и трогателна порака.
– Нашиот сакан Тим беше трагач, кревка уметничка душа која бараше одговори на прашања од егзистенцијална важност. Перфекционист кој постигнуваше се, патуваше и работеше со такво темпо што доведуваше до екстремен стрес… Кога ја заврши турнејата сакаше да најде рамнотежа, да се чувствува добро и да го работи она што најмногу го сака. Се бореше со мисли околу значењето на животот и среќата. Тој не беше создаден за бизнис машинеријата во која се затекна. Беше емотивец, ги сакаше своите обожаватели, но не и да биде во центар на внимание. Тим, секогаш ќе те сакаме и ќе ни недостасуваш. Личноста која беше и твојата музика ќе го одржат сеќавањето на тебе – порачало семејството на Авичи.
Младиот диџеј беше пронајден мртов во местото Мускат, Оман, минатиот петок. Првично, не беа објавени никакви детали за неговата смрт, освен тоа дека нема сомнителни околности.
Дваесет и осумгодишниот диџеј, изминатава деценија беше еден од најплатените изведувачи во електронската музика. Тој има освоено две награди МТВ и двапати беше номиниран за Греми. Соработуваше со Дејвид Гета, Мадона и Лени Кравиц. Годинава е номиниран за музичката награда Билборд.