Секти Николе

Станува збор за култ кој брои над 120.000 членови, а верувањата на овие луѓе се дека основачот на организацијата, Ли Ман-Хи, е вториот Исус Христос.

5516

Нема оправдување за постапката на арогантното момче кое вербално нападна група Корејци во центарот на Скопје, но токму овој случај отвори некои други многу важни прашања. Кои се всушност жртвите, во каква невладина организација членуваат, и најважно од сѐ, зошто и кој им дозволил да одржуваат мировни работилници во основно училиште во Свети Николе?!

По краткото истражување што го направив за нивната организација, излезе дека во случајов Корејците се жртви на ксенофобија, но дека учениците од Свети Николе дефинитивно се многу поголеми жртви на нивната секташка пропаганда. Зошто? Затоа што невладината „Heavenly Culture, World Peace, Restoration of Light (HWPL)“, во која членуваат Корејците, всушност е клон на тоталитарната секта „Shincheonji Church of Jesus the Temple of the Tabernacle of the Testimony (SCJ)“. Инаку, овој култ е веќе забранет во некои европски земји.

Поточно, станува збор за култ кој брои над 120.000 членови, а верувањата на овие луѓе се дека основачот на организацијата, Ли Ман-Хи, е вториот Исус Христос. Тие сметаат дека Библијата е напишана во метафори и дека само Ли може да ја разбере. Вистинскиот скандал лежи во тоа што Корејците се во Македонија за да одржуваат „работилници“ на тема „Мир, толеранција и меѓусебно разбирање“, а за да биде уште посмешно, градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, уште веднаш се испофали дека „групата им го одржала првото предавање на учениците и дека биле договорени понатамошни активности кои ќе се развиваат со меѓусебна соработка“.

Се прашувам, дали градоначалникот знаел со кого си има работа пред да им ја отвори училишната врата? Дали родителите на децата биле информирани и дали го одобриле предавањето? Дали за ова било информирано Министерството за образование и наука? Оти, нели, живееме во секуларна држава каде што буквално секогаш пука скандал ако, на пример, православен свештеник посети некое училиште. Како и да е, тоа што треба сите ние да се запрашаме е колку вистински сме свесни за опасностите што ги носат разните култови сокриени под маската на нешто друго – проповедање мир, психолошки советувалишта, центри за медитација…

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...