Телевизиските серии не се само еквивалент на она што во 19 век претставуваа фељтоните, односно главна одредница на популарната култура. Сценаристите на телевизиските серии, барем оние најдобрите, може да се приближат кон наjзначајните романсиери на тоа време, од Балзак, преку Дикенс до Флобер. Всушност, сценаристите на телевизиските серии станаа најдобрите аналитичари во современите општества. Тие се нашите вистински смерници, па дури и ако сакате, тоа се идните футуролози на заедниците.
За оние кои не знаат што пропуштаат, се работи за серијата Homeland. Имено, пред некои два месеци се заврши седмата сезона, „ја има да се најде“ на интернет без никаков проблем. Станува збор за продукција SHOWTIME, во 2011 година емитувана е првата сезона, римејк на израелската серија „Хатуфин“ или „Prisoners of war“. Во ирачката серија, воен затвореник беше „преобратен“ да работи против својата татковина, односно во израелската варијанта во прашање беа Палестина и Израел, а во оваа варијанта на Homeland, во прашање е Ирак, односно Ал Каеда и Америка. Политичките прашања во израелската серија се третирани од типот „кои се тоа терористите“, како тие делуваат, дали воопшто категоризацијата „терорист“ постои, и кои на крајот се „добрите момци“ и дали тие воопшто постојат.
Во американската серија Homeland, главната протагонистка или „case study“ е Кери Метисон. Ова е еден вид пост-серија на 9/11, со жени во главните улоги. Наративот ни кажува дека се работи за ЦИА оперативки кои се многу фрагилни, загрозени, со проблематична ментална состојба, или состојба на изложеност која не е по нивна вина; тие жени воведуваат „soft power“ со која Америка на некој начин владее со светот од секогаш. Серијата има таков наратив: што ЦИА и да работи, сите ние навиваме за ЦИА.
Во овој текст невозможно е сите „спојлери“ да се опишат, бидејќи тоа ќе бара премногу време, затоа што има премногу ликови и имиња, па ќе ми дозволите да се осврнам на оние главните, односно да го објаснам лудилото на главниот лик во серијата, Кери Метисон. Кери во сите сезони е блескава, брилијантна, но и биполарна. Таа „биполарност“ порано се нарекуваше „манијакална депресија“: сериозно душевно заболување кое таа го добива во наследство од својот татко во првата сезона. Самата почнува да се „автомедикаментира“, односно на своја рака пие лекарства бидејќи крие и од самата ЦИА дека е манично депресивна, дека е душевно болна. Самата, преку нејзината сестра, си одредува лекови, за во еден момент да биде приморана да се „аутира“, нешто кое во седмата сезона е нагласено – Кери оди во апсолутно лудило. Се претпоставува дека ќе има и осма сезона, а според најавите во нeа ќе има ресетирање на Кери Метисон со електрошокови.
Низ целата сезона, сите ја сожалуваме Кери, дури ја поддржуваме кога на сите им вели „за мене тоа функционира“ (пиејќи на своја рака антидепресиви). И кога ќе го видиме крајот на осмата сезона – дали електрошоковите ќе ја вратат Кери во „нормална“ состојба, ќе видиме дека тоа е цената која таа жена ја плаќа за слободата на Америка.
Седмата сезона практично е задршка на шестата сезона со претседателствувањето на Елизабет Кин, што рефлектира јасни црти на патријархатот (татковината) дека жените во политиката мора секогаш „малку да се оттргнат“ од тој јавен дискурс, како, инаку, би успеала демократијата? Во шестата сезона, што е куриозитет, сценаристите на Homeland одржуваат претседателски избори, со нагласок на тоа што Елизабет Кин е веќе избрана претседателка, но сѐ уште нема официјално положено заклетва, а тоа треба да се случи за околу два месеца. Тоа е време во кое може да се случат страшно многу работи, што значи се појавува еден „интерегрум“ кој, практично, е база на американскиот устав, и кој не е доволно јасно покриен во владеењето на правото во Америка. Се обидуваат да ѝ направат атентат, по што Елизабет Кин ќе добие покритие да отиде до самото срце на ЦИА, до Дарт Дал, човекот што сите ние најмногу го мразиме, зарем не? (Кога велам „ние“, мислам на сите оние кои ја гледале серијата и знаат за што зборувам).
Дарт Дал е човек кој цели шест сезони го мразев, за во шестата сезона да најдам некакво оправдување за неговата работа. Тој и агентот на ЦИА, Квин, ако се сеќавате, имаа некаква конфронтација, што ни покажува дека Дарт Дал и Квин имаат некаков проблематичен однос, тоа е разликата помеѓу работодавачот и работникот. Па ни поминува некоја негова сенка во карактерот што не е типична само за „ЦИА плотување“. За оние кои не се сеќаваат, Дарт Дал е врвот на ЦИА, некогаш во сенка, а некогаш и официјално посредува во работите. Дарт Дал во четвртата сезона спасува човек со име Хан, кој бил обвинет за убиство на целиот персонал на една амбасада, а на крајот агентката Кери сфаќа дека Дал е мрачен лик, практично „срце на темнината“, кој спасува терорист.
Во серијата, важно е да се нагласи дека гледачот комплетно потпаѓа под влијание на таа „soft power“ на ЦИА.
Дарт Дал во шестата сезона создава завера против претседателката на Америка само затоа што таа ни се претставува како демократка. Шестата сезона е снимена во време кога сите мислеа дека Хилари ќе го победи Трамп. Во целата сезона, провејува една феноменологија како ЦИА регрутира свои агенти; Сол ја регрутира Кери, а таа му е најверна до крај, и тој на неа; a Kвин, кој мене ми беше еден од омилените ликови, човек што два пати умираше, беше регрутиран од Дарт Дал, и кој имаше некаква „хомо-педерска“ заљубеност на Дарт Дал во Квин. Од друга страна, барем мене ми се чини, улогата на Квин беше рефлексија на целото вледеење на Америка.
Ајде да се обидам да објаснам што е заплетот на шестата сезона, односно тоа практично е самиот расплет. Владеењето на Елизабет Кин и разоткривањето на сите центри на моќ, како и разоткривањето на сите мрежи кои стојат во обид за нејзино тргнување од власт. Еден „суноврат“ на Америка што од една страна доаѓа одвнатре, а од друга страна однадвор. И низ целата сезона Кери полека ги разоткрива сопствените заблуди, а потоа открива што практично се крие зад целата моќ на Америка. Важен детаљ во целата сезона е дека ЦИА во голема мера ја обликува динамиката на епизодите, затоа што многу често сезоните завршуваат погубно, т.е. не дека победува Американецот, туку напротив, жртвите се сѐ поголеми, а раните се сѐ подлабоки.
И кога сите се надевавме дека Хилари ќе победи (персонифицирана во Елизабет Кин), жена која е демократка, која вети дека Америка ќе ја повлече од сите воени зони затоа што го изгубила својот син во Ирак, дека е ранлива како жена, дека ја напаѓаат десничари поради полот, инсистирања на менопаузи, класични сексистички и шовинистички напади… итн. По атентатот што ѝ се случува на крајот од шестата епизода, серијата се прекршува и се појавува седмата сезона во која, практично, Елизабет Кин се претвора „подесно од десните“, станува сѐ она против што се бореше. Ги уапси сите. Агентот Сол и двесте други луѓе. Сите оние кои се под сомнение дека вршеле заговор за нејзиниот атентат, сомнежите на Кин отидоа до самото срце на ЦИА, како и до високите структури во Вашингтон. Кин немаше некои особени и проверени докази дека се учесници на заговорот. Претседателката на Америка почнува да се бори против слободата на говор, почнува да го прогонува оној кретен Бред О’ Киф, човек што води десничарско „ток-шоу“, за кој знаеме дека е заснован на реални личности. Елизабет Кин на некој начин цело време го користи Првиот Американски амандман, а тоа е загарантираното право на слобода на говор, по цена „и Хитлер да има слобода на говор“, па така и овој. Елизабет Кин прави Федерална потера по него, цели два месеца го прогонува, сѐ со цел да му ја забрани слободата на говор, иако на сите ни е јасно дека тој не учествуваше во конспирацијата за атентат на Кин, затоа што имаше друга работа: темпираше вести и подготвуваше пропаганда.
Во Америка, имено, Првиот амандман (слобода на говор) е апсолутен и беспоговорен, и каква пропаганда да правеше Бред О’ Киф, тој не може да биде виновен. За разлика од судовите кои Америка ги оформила и конституирала во државата, наменети за сите оние пропагатори на војни, масакри, на кои може да им се суди. И тоа ми стануваше некако интересно: Американците сакаат да им судат на странците затоа што тоа им е јасно, сфаќаат некаде длабоко колку злобните зборови можат да наштетат, можат да повредат во време на пропаганда, војна и слично. Тоа ние во Македонија многу добро го знаеме. А, пак, од друга страна, во светоста на Американскиот устав, невозможно е да се допре кој било. Елизабет Кин во седмата сезона му влезе во уста на уставот на Америка, ќе ги затвори луѓето без конкретни докази. Во првата сезона, пак, гледаме судење на генерал кој е шеф, и за кој таа бараше смртна казна…
Да резимираме. Серијата го исцртува концептот на нација во која ти си припадник, ангажиран си на многу нивоа, преку различни средства, медиуми, служби, што значи дека почнуваш да мислиш дека твојата улога и потреба да се рефлектираш на таков начин ѝ носи добробит на татковината.
А тоа е оној Платоновски принцип на уметноста: секоја уметност има за задача да ја глорификува државата, и дека сѐ друго не смее да постои и сѐ друго не треба да го има. Се разбира дека руската пропаганда ќе биде против оваа серија, затоа што тоа е спротивно на интересите на нивната држава. Одговорот, пак, на тоа или контра аргументот на тоа дека „ние работиме само уметност“ е глупав, не разбирајќи дека во голема мера се заведени.
Додека ја гледав серијата, толку многу ја сакав Кери за сѐ што таа прави и сѐ што таа е, благодарение на години и години, децении и децении конзумирање на американската поп-култура. Се работи имено за сите вредности и верувања кои ти ги поддржуваш. Иако сум самиот свесен за сѐ ова, што му ебеш матер, и да е така, јас ќе продолжам да навивам за ЦИА и Кери и во осмата сезона. Секогаш Кери, никогаш Русија. Секогаш ЦИА, затоа што секогаш се справуваат со Русите, зарем не?