Седма година по ред колумбиската актерка Софија Вергара е најплатената телевизиска актерка, објави магазинот „Форбс“. Таа е на врвот на најплатени ТВ актерки со солидна заработка од 42,5 милиони долари.
Ѕвездата од „Модерно семејство“ останува прворангирана благодарение не само на нејзината плата од улогата во хит комедијата на „Еј-би-си“, туку исто така и на мноштво на договори и брендови, кои сочинуваат скоро половина од нејзините приходи, како што се „ШаркНинца кофи“ и синџирот за мебел „Румс ту го“.
Пари од сите страни
Сексапилната актерка Вергара со години наназад е заштитно лице на познати козметички брендови, на одредени супермаркети, теретани и слично.
Дел од приходите на Софија Вергара доаѓаат од нејзината агенција за наоѓање на таленти.
Инаку Вергара повеќе е насочена кон лиценци отколку кон директни ангажмани, па со самото тоа има можност и за контролирање на производите кои ги рекламира, а има право и на дел од продажбата.
За Вергара се коментира дека она што ја издвојува од другите актерки е токму начинот на водење на бизнис.
Топ 10 најплатени
После Вергара на престижната листа на магазинот „Форбс“ за најплатени телевизиски актерки , на второ место се најде Кели Куко од серијата „Бубалици“ со заработка од 24,5 милиони долари. Дури 95 отсто од заработката на Куко отпаѓа чисто на приходите од серијата. Се смета дека оваа актерка зема по околу милион долари од епизода, од серијата која сега е во својата финална сезона.
Третата позиција годинава е резервирана за Елен Помпео од хит серијата „Вовед во анатомија“, чија што заработка за 2018 година изнесува 23,5 милиони долари.
Ѕвездата од серијата „Закон и ред“, Мариска Харгитеј заработила 13 милиони долари, додека на петто место се најде Џули Бауен од „Модерно семејство“ со заработка од 12,5 милиони долари.
Од шеста до десетта позиција следат: Мајим Балик (12 милиони долари), Мелиса Роч (12 милиони долари), Кери Вашингтон (11 милиони долари), Клер Денс (9 милиони долари) и Поли Перет (8,5 милиони долари).
ФОТО: Твитер