Северна Македонија и Грција се вртат кон проблемите, ќе ја решаваат инфраструктурата

Спирцис најави дека Грција ќе и помогне на земјава за вклучување во меѓународни организации од сферата на патниот и железничкиот сообраќај, а министерот Сугарески, пак, дека ќе се лобира во Европската унија за заеднички проекти во инфраструктурата и оти претстојниот период ќе биде посветен на сериозни подготовки за апликација за средства за нивна реализација.

1598

Интензивирање на соработката, заедничко учество во регионални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура, олеснувањето на протокот на луѓе и стоки, разгледување на можностите за нови авио линии помеѓу Северна Македонија и Грција, биле теми на разговор меѓу министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирцис. Ова, како што оценија тие по средбата, е визија чија реализација е значајна, не само за развојот на двете земји, туку и за регионот воопшто.

– Доста се измалтретирани балканските земји, треба да свртиме страна за да се овозможи развој, а тој пат се отвора по потпишувањето на Договорот во Преспа. Визијата што сакаме да ја реализираме е ако некој патува во земјите на централна Европа е да констатира дека може да се движи од една земја во друга без да знае каде се границите, дали има граници, без да има застој на транспорт на производи со многу алтернативни начини. Визијата ни е да може луѓе да живеат во една земја, и да работат секојдневно во друга земја – рече грчкиот министер Спирцис.

Тој додаде дека за да се почне од некаде да се реализира оваа визија, двете министерства треба да работат интензивно и да подготват и потпишат договори за тесна соработка особено во патен сообраќај, инфраструктура, железнички сообраќај и авиосообраќајот пред посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Скопје.

За реализирањето на визијата, рече, покрај добрата волја и работата на институциите ќе придонесе и пријателството меѓу двата народа.

Спирцис најави дека Грција ќе и помогне на земјава за вклучување во меѓународни организации од сферата на патниот и железничкиот сообраќај, а Сугарески, пак, дека ќе се лобира во Европската унија за заеднички проекти во инфраструктурата и оти претстојниот период ќе биде посветен на сериозни подготовки за апликација за средства за нивна реализација.

– Република Грција е наш сериозен партнер, како економски така и во нашите интегративни евроатлански и европски процеси. Овие заеднички средби и состаноци се во духот на продлабочување на соработката меѓу двете земји во полето на транспортот и услугите. Географски, положбите на двете земји се од особено значење за развој на регионот и од таа причина верувам дека проектите што ги работиме регионално, ќе придонесат за економско јакнење на сите земји од регионот, како и за подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните – рече Сугарески.

Тој, како што рече, го информирал Спирцис дека се реализраат сериозни инвестиции во моденизација на патиштата на Коридорот 10.

– Ова е од особено значење и за двете земји со оглед на транспортот на стока и патници што транзитира низ нашата земја, за кои крајна дестинација е Грција или пак го користат коридорот за излез на европскиот пазар – рече Сугарески.

На средбата се разгледувале и можностите за развој на железничкото поврзување, конкретно на рехабилитација на останатиот дел од пругата на Коридор 10, како и побрзото поврзување од Битола до граничниот премин Меџитлија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...