Северна Кореја префрли од затвор во хотел тројца американски затвореници во пресрет на средбата меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп.
Информацијата е добиена од раководителот на Асоцијацијата на семејствата на јужнокорејски граѓани, за кои се претпоставува дека биле киднапирани од страна на специјалните служби на Северна Кореја, а тој цитирал извор кој живее во Пјонгјанг.
Тројцата Американци, кои во Северна Кореја се осудени поради шпионажа и непријателски дејствија, биле префрлени на почетокот од април од затвор во хотел во близина на Пјонгјанг.
Според локалните медиуми, двајца од притворените Американци работеле на Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг. Во 2017 година, тие биле уапсени под обвинение за непријателски дејствија. Третиот американски државјанин бил уапсен во 2015 година и отслужува десетгодишна затворска казна поради шпионажа.
Преговорите за нивно ослободување се одвиваат со посредство на Шведска, која ги претставува интересите на САД во Северна Кореја.
Американскиот весник „Волстрит џурнал“ пред неколку дена објави дека на неодамнешниот состанок меѓу тогашниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, сегашен американски државен секретар, севернокорејскиот лидер изразил подготвеност да ги ослободи тројцата Американци. Според плановите на Северна Кореја, нивното ослободување може да се совпадне со планираната средба меѓу Ким и Трамп.