Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска светска премиера ќе има на 28 јануари, на Филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance) во Парк Сити, во Јута, САД.
Филмот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Реализиран е во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“.
„Медена земја“ раскажува за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа – 50-годишната Атиџе која живее со својата мајка во едно напуштено село во централна Македонија. Таа се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата и медот го дели со тие што ѝ се ресурс – пчелите. Половина зема за себе, а половина им остава ним. Тоа, според режисерите, е и главната порака спротивна на општиот консумеризам. Филмот го снимале три години и, според нив, тој е повеќеслоен, а со поентата што ја носи и самите, како што рекоа, созреале и го промениле односот кон себеси, другите луѓе и кон природата.
Продуцентот Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата на 85-минутниот филм, денеска на прес-конференција рече дека ретка можност е македонски филм да биде прикажан на престижен фестивал од А категорија како „Санденс“, каде што Македонија првпат ќе има долгометражен филм во официјална конкуренција на 12 филма од цел свет.
– Тоа е сериозно големо достигнување за македонската кинематографија. Имаме ремек-дело и огромна работа завршена од екипа со шест луѓе. Овој филм ќе има одличен фестивалски живот, зашто има е огромен број покани – истакна Георгиев. Медот на протагонистката од филмот, рече, ќе биде дегустиран на промотивен настан во рамки на „Санденс“, заедно со македонско вино.
Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија е уверен дека за „Медена земја“ ќе има светски интерес.
– Овој филм е доказ дека добро одбраната тема, филмско прецизно и визуелно впечатливо раскажана приказна, е предуслов филмот да биде препознаен и да го привлече вниманието – рече Тозија.
Според кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, работата на овој филм била големо искуство поради уникатниот пристап на снимање, кои го направиле меѓу диви пчели, а без заштитна облека. Музиката е на битолската група „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од „ДБ Студиос“ од Бејрут.
По премиерата во Парк Сити, ќе има уште четири проекции во тој град, а две се планирани и во Солт Лејк Сити. Останува да решат на кој фестивал ќе биде европската премиера, а македонската ја планираат за годинашниот „МакеДокс“. Веќе имаат и два дистрибутера за филмот, од САД и од Германија.
„Санденс“ е најголмиот американски фестивал на независен филм. На 34-тото издание минатата година, награда за најдобар филм доби македонскиот „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, во програмата Краток филм.