Светска банка со 26 милиони евра ќе ги олеснува трговијата и транспортот на Западен Балкан

Проектот има четири компоненти: Олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, Подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, Подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и Поддршка за спроведување на проектот.

71

Со 26,2 милиони евра од Светска банка ќе се подобрува инфраструктурата, модернизираат институциите и зајакне нивната соработка, со цел олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.

Денеска беше потпишан договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.

Ова е регионален проект, во кој покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, додека во втората фаза и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на потпишувањето истакна дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.

– Проценката на Светска банка е дека со реализацијата на проектот, ќе се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за околу 10%. Сето ова ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски раст во регионот – рече Тевдовски.

Тој посочи дека проектот има четири компоненти: Олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, Подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, Подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и Поддршка за спроведување на проектот.

Во однос на првата компонента Тевдовски најави дека преку неа ќе се спроведе концептот за Single Window, што значи на едно место да се извршат сите процедури за извоз и увоз, како и целосна дигитализација на процесот.

Тој исто така најави дека со средства од проектот ќе се надградат и прошират царинските премини Ќафасан и Деве Баир.

Директорот на Светска банка Марко Мантованели рече дека застоите на граничните премини на Западен Балкан се пет пати подолги во однос на многу ЕУ земји.

Тој истакна дека ако трошоците за логистика се изедначат со ЕУ просекот, годишните заштеди би надминале и 1,1 милијарда долариили 1 отсто од БДП во регионот.

– Иако извезената стока од Западен Балкан влегува во ЕУ без царина, само 10 до 20 отсто од фирмите во регионот се извозници. Согласно процедурите, вклучувајќи ги инспекциите и царините, времето поминато на патиштата и премините ја поттиснува ефикасноста, ги зголемува трошоците и го спречува развојот на трговијата – вели Мантованели.

Проектот за олеснување на транспортот и трговијата на Западен Балкан е дел од четиригодишната рамка за соработка на земјава со Светска банка.

Условите за заемот се исклучително поволни. Рокот на отплата е 12 години со вклучен грејс период од 4 години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон од 0,85. Ова значи дека сега каматата изнесува 0,6%.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...