Светска банка: Програмата за јавен долг е преамбициозна за другите, не и за Македонија

Во Министерството за финансии во Македонија има разбирање во тимот, кој патем се состои само од 10 луѓе, дека се потребни реформи и напорно работат на сите компоненти, вели тим лидерот од СБ.

452

Македонија за кус период има исклучителен напредок во управувањето со јавниот долг, велат од Светска банка (СБ). Во објавата за напредокот во рамки на Програмата за управување со јавниот долг и ризиците, од Светска банка посочуваат дека последнава година во Македонија во рекордно време е постигнат напредок и приближување на управувањето со јавниот долг во однос на добрите меѓународни практики, со значително подобри резултати во однос на другите земји.

– Обемот на реформи кои согласно Програмата се имплементираат, можеби е преамбициозен за другите земји, но не и за тимот од секторот за Јавен долг во Министерството за финансии на Македонија. Обично државите реализираат една по една компонента од Програмата, поради ограничени човечки ресури, бидејќи треба да ги спроведат реформите покрај секојдневните работи. Но, во Македонија е различно. Таму има разбирање во тимот, кој патем се состои само од 10 луѓе, дека се потребни реформи и напорно работат на сите компоненти – вели Родриго Кабрал, тим лидер од Светска банка.

Тимот за Јавен долг во Министерството за финансии работи на подобрување на стратегијата за јавен долг, на нов закон за јавен долг, на развој на домашниот пазар на државни хартии од вредност и на ИТ системот за управување со долгот.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на расправата за завршна сметка за 2017 година во Собранието, иако наследил брзорастечки јавен долг, изминатата година Министерството за финансии успешно управувало со долгот. Како резултат на тоа во 2017 година, за првпат после девет години јавниот долг како процент од БДП е намален. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...