Се затвора белградската пиварница БИП, сопственост на македонски менаџер Светозар Јаневски. Поделени се 150 откази изутринава, пренесува „Б92“.
Информациите од Србија се дека БИП најверојатно ќе биде затворен многу брзо, а се уште е неизвесно што ќе биде со останатите работници.
Тука има тотален хаос, луѓето се отпуштени … не знаат што ќе се случува со другите, има состаноци и треба да се реши ова. Никој не знае што ќе биде“ – изјавиле вработени од компанијата.
Светозар Јаневски го купи БИП кога беше во стечај во 2017 година.
– Ве известуваме дека М6 ЕДЕН СРБ, одлучи да го прекине договорот за деловна соработка со А.Д. БИП во стечај“ -пишува во известувањето од компанијата на Светозар Јаневски до српските медиуми.
– Верувавме во можноста за развој на една од најголемите пивари во регионот и со ентузијазам тргнавме во нејзина обнова пред две години. Се обидовме да направиме нешто позитивно за Белград и за Србија, да дадеме живот и енергија на една компанија стара 180 години. За жал, без оглед на големите вложувања , посветеност и енергија, не успеавме , бидејќи концептот што го нудиме овде, нема изглед за успех, се наведува во соопштението од компанијата на Јаневски.
Според Б92, утрината се делат отказни решенија, а медиумите немаат пристап во кругот на фабриката.
Работниците кои излегуваат со отказни решенија, велат дека Македонецот ги излажал, иако ветил дека никој нема да биде отпуштен и ќе ја крене на нозе пиварата.
Белградската индустрија на пиво -БИП, во 2017 беше продадена од страна на државата на приватни инвеститори.