Светозар Јаневски: Миграцијата на работна сила најголем проблем на регионот

Јаневски како охрабрувачки го оцени неодамнешното отворање на заеднички граничен премин меѓу Србија и Северна Македонија, кој се очекува да го забрза протокот на стоки.

287

Најголем проблем со кој се соочува регионот е миграцијата на работната сила, па затоа е важно да се најде начин да бидат задржани работниците, вели македонскиот бизнисмен и претседател на Управниот одбор на винаријата „Тиквеш“, Светозар Јаневски за српската агенција БЕТА.

Според него, регионалната соработка најмногу ја кочи затвореноста на секоја земја во рамките на своите граници.

– Направивме развој од граница до граница, а во исто време зборуваме за свет без граници и за слободна економија – изјави тој, наведувајќи дека за напредок е клучно да се промени начинот на размислување.

Јаневски како охрабрувачки го оцени неодамнешното отворање на заеднички граничен премин меѓу Србија и Северна Македонија, кој се очекува да го забрза протокот на стоки.

Тој потсети дека земјоделското производство преставува традиција во сите земји од регионот и дека со него сè уште се занимаваат голем број луѓе, поради што во сегашните околности е предизвик да се направат чекори за зголемување на конкурентноста на аграрот, како на државно, така и на регионално ниво.

Јаневски вели дека се залага и за дигитализација во сите сегменти, но смета дека на краток рок ова не е доволно за успех на државите кои својот раст во голема мера го засноваат на земјоделството.

– Дигитализацијата на краток рок не може да го направи она што може земјоделството – нагласува тој.

Јаневски очекува претстојниот Самит на економски лидери на регионот, што ќе се одржи во Белград на 4 декември и на кој ќе биде еден од учесниците, дополнително да ја поттикне регионалната соработка, особено во областа на земјоделството.

Тој најави и дека по прекинот на деловната соработка со „Белградската индустрија на пиво“ (БИП), нема да се повлече од Србија, туку дека очекува да продолжи да работи на српскиот пазар, затоа што „верува во регионот и во регионалната соработка“.

– Ние не се откажавме од ништо – изјави Јаневски за агенцијата Бета, одговарајќи на прашањето за можноста за повторна соработка со БИП или за некоја друга инвестиција во Србија, притоа не сакајќи да прецизира кои се неговите планови за понатамошниот бизнис на српскиот пазар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...