Саудиска Арабија ја купи куќата на Џеки Кенеди за 43 милиони долари

- Уживавме да живееме во Меривуд последниве 13 години и се надеваме дека новиот сопственик ќе знае да го цени овој дом исто колку што го ценевме и ние - објавил Стив Кејс.

253

Владата на Саудиска Арабија ја купи куќата во која како тинејџерка живеела Џеки Кенеди, една од најпопуларните први дами на САД. Саудијците, според „Вол стрит журнал“, дале 43 милиони долари за куќата во Вирџинија и објектот сега би можел да биде претворен во амбасада.

Имотот, наречен Меривуд, бил продаден од страна на основачот на една од најголемите медиумски компании АОЛ, Стив Кејс (59).
Стив Кејс и неговата сопруга Џин, куќата ја купиле во 2005 година за 24,5 милиони долари.

– Уживавме да живееме во Меривуд последниве 13 години и се надеваме дека новиот сопственик ќе знае да го цени овој дом исто колку што го ценевме и ние – објавил Стив Кејс.

Се уште не е прецизно утврдено како саудиската влада ќе го користи овој имот, но, официјалниот купувач бил Амбасадата на Кралството на Саудиска Арабија, па заради тоа се претпоставува дека може да послужи како резиденција за високи претставници од Саудиска Арабија во САД.

Си-ен-би-си не можеле да добијат коментар за оваа купопродажба од саудиската амбасада. Си-ен-би-си уште бележи дека се верува дека тоа е највисоката продажна цена за недвижен имот во областа.

Инаку, куќата, која била дом на Џеки Кенеди во 40-тите години на минатиот век, е изградена во 1919 година, но подоцна внимателно е реновирана.

Џеки (Жаклин Кенеди Оназис Ли Бувие) е родена на 28 јули 1929 година во Њујорк, во имотно семејство со француски корени. Мајка и го напуштила татко и Џон Верно Бувие, кога Џеки имала 11 години.

Во куќата што им е продадена на Саудијците, Џеки Кенеди се доселила кога имала 12 години, откако нејзината мајка се премажила за наследникот на „Стандард оил“.

– Секогаш го сакав Меривуд, таму беше многу мирно… река и преубави ридови – запишала Џеки за местото во 1944 година.
Куќата е оддалечена од Вашингтон околу 13 километри.

Оваа куќа е со површина од 2.150 квадратни метри, во неа има девет спални соби, 13 бањи, внатрешен и надворешен базен, тениско игралиште и простор за вежбање. Во склоп на имотот се наоѓа куќа за вработените и гаража за четири автомобили.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...