Саудиска Арабија: Отфрламе какви било „закани“ и притисоци

96

Саудиска Арабија нема да подлегне на какви било „закани“ за економски санкции или политички притисоци, соопшти денеска официјален Ријад откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди на „остра казна“ ако се утврди дека исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги е убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.

Во соопштението кое го објави државната агенција на Саудиска Арабија, исто така, се наведува дека таа држава ќе одговори на секој чекор, кој ќе биде преземен против неа.

Агенцијата наведува дека во соопштението не се споменува директно Кашоги, кој исчезна на 2 октомври, откако влезе во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

По заканата на американскиот претседател, саудиската берза падна за повќе од 6,8 проценти.

Трамп во интервју за Си-Би_Ес рече: „Ќе го истераме тоа до крај и казната ќе биде сериозна“.

Турските власти стравуваат дека Кашоги, саудискиот новинар кој работи за „Вашингтон пост“ и го критикуваше режимот во Ријад, е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во кој отишол да подигне некои документи.

Турските власти сметаат дека Кашоги е убиен од агенти на тајните служби на Саудиска Арабија, а тоа Ријад го негира и тврди дека обвинувањата се „неосновани“

Саудиска Арабија досега не понуди никакви докази дека Кашоги излегол од конзулатот, а неговата свршеница, која го чекала пред зградата, тврди дека тој воопшто не излегол оттаму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...