Сара Сандерс ангажирана во „Фокс Њус“

91

Сара Сандерс, поранешна портпаролка на Белата куќа, се вработи во телевизијата „Фокс Њус“ како редовен соработник за политички коментари и анализи, јави телевизијата.

Сандерс ќе биде ангажирана како коментатор во сите Фокс Њус медиуми и премиерно ќе настапи во емисијата Фокс и пријатели, соопшти телевизијата.

– Фокс е број еден медиум за вести во земјата веќе 17 години и за мене е голема чест да се приклучам на тимот соработници кои даваат политички коментари и анализи – изјави Сандерс.

Таа беше портпаролка на Белата куќа од јули 2017 до јуни 2019 година. Сандерс беше трета жена и прва мајка која некогаш била на таа клучна позиција во Администрацијата во Вашингтон.

Пред да стане портпарол, Сандерс во јануари 2017 година беше ангажирана како заменик на портпаролот на Белата куќа, а претходно работеше и како советник во изборната кампања на Доналд Трамп.

Фото: EPA /EFE JIM LO SCALZO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...