Санкциите кон Русија стапуваат в понеделник

114
ФОТО: EPA-EFE / SERGEI ILNITSKY

Стејт департментот синоќа објави информација за новите санкции кон Русија кои ќе стапат во сила в понеделник, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На интернет страницата на „Федерал Реџистер“, официјален билтен на американската Влада, се наведени одлуките во однос на употреба на хемиско оружје од страна на Русија во согласност со Законот за контрола на хемиско и биолошко оружје и елиминација од негова употреба од 1991 година.

Санкциите се поврзани со нападот со нервен агенс „Новичок“ што се случи во март во англискиот град Солзбери, а при што беа затруени поранешниот полковник во ГРУ (руско воено разузнавање) Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Западните земји ја обвинија Русија за нападот, Москва одрекува вмешаност.

Според објавената информација, Стејт департментот има намера да ја прекрати помошта за Русија, кредитите за купување оружје, продажба на оружје, компоненти и технологии поврзани со национална безбедност. Исклучок се итната хуманитарна помош, снабдување со прехранбени и земјоделски производи.

Забрането е оружје и одбранбени материјали, кои се со двојна намена. Се забранува издавање на дозволи на руски компании за експорт на американско оружје, финансирање на одбранбени договори, како и извоз на материјали кои можат да се искористат за правење на хемиско или биолошко оружје.

Според објавената информација, донесена е одлука да не се воведуваат санкции кои се косат со американската националeн безбедност. Тоа се однесува на пуштање во употреба на стоки и материјали за безбедност на вселенски летови, летови на патнички авиони и шифрирање на финансиски операции. Од санкции исклучени се и стоки со американски брендови произведени од заеднички американско-руски компании.

Новите санкции на САД кон Русија беа најавени на почетокот на месецот. Тие се воведуваат во два пакети – во случај Русија да не изнесе сигурни докази дека не е замешана во нападот со нервен агенс во Солзбери, вториот пакет на санкции ќе биде воведен во ноември

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...