Само 36 компании развиле деловна соработка преку мрежата за бизнис можности

Информациите на оваа мрежа во која се вклучени Стопанската комора, УКИМ и фондацијата MIR стигнале до 5.213 компании од земјава, 119 од нив искористиле индивидуални услуги, а само 36 воспоставиле деловни партнерства со компании од Европа.

108

И покрај тоа што услугите на Европската мрежа за бизнис можности (ЕЕН) се бесплатни, мал број мали и средни компании од земјава ја искористиле мрежата за да стигнат полесно на европскиот пазар, да се запознаат со законите и прописите како и да воспостават деловна соработка со партнери од странство. Информациите на оваа мрежа во која се вклучени Стопанската комора, УКИМ и фондацијата MIR стигнале до 5.213 компании од земјава, 119 од нив искористиле индивидуални услуги, а само 36 воспоставиле деловни партнерства со компании од Европа.

Овие информации денеска беа соопштени на прес-конференција во Стопанската комора.

Влатко Стојановски од Комората вели дека на другата страна 133 компании од странство преку мрежата се информирале за македонски компании.

– ЕЕН мрежата, претставува моќна платформа за комуникација, барање бизнис-партнери, поддршка за малите и средните претпријатија, но и инструмент за доближување до ЕУ-пазарите – вели Стојановски.

Стојановски информира и дека на регионално ниво веќе се прават напори компаниите да ја развијат соработката.Таков бил и состанокот што се организирал во Црна Гора каде што било речено дека развојот на инфраструктурата им големо значење за поблиската соработка на компаниите.

Од комората велат дека сите услуги кои  ги нуди мрежата се бесплатни и се нудат од секој партнер во конзорциумот како едношалтерски систем на услуги.

Услугите на мрежата се насочени главно кон новоформираните и постојните мали и средни претпријатија, но исто така можат да се користат и од страна на поголемите компании, истражувачки организации, агенции за развој на иновации, центри за технологии и иновативни поединци.

Европската мрежа за бизнис можности функционира од 2008 година. Денес брои 600 организации од Европа, но и од САД, Русија, Кина, Јапонија, Чиле, Аргентина,… Обединува преку 3.000 експерти од 60 земји кои во секое време, 24 часа, се на располагање за обезбедување прецизни, точни податоци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...