Само 10 кумановски земјоделци конкурирале на повик за финансиска поддршка

Државата на апликантите на кои ќе им биде одобрено барањето ќе им обезбеди 50 проценти од вложената инвестиција.

113

Десетина земјодлеци од поширокиот кумановски регион аплицирале на огласот што го објави Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој за системот капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој од 2018 година.

– Најголем број од апликантите поднесоа барање за системот капка по капка, тоа се оние кои имаат овошни насади, кои одгледуваат ореви, лешници, кајсии, праски – изјави в.д. раководителот на кумановската канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Џабир Рамадани.

Помал број од земјоделците кои имаат пластеници и кои одгледуваат градинарски култури аплицирале на овој повик.

Јавниот повик беше објавен на 23 јули и траеше до 21 август. Државата на апликантите на кои ќе им биде одобрено барањето ќе им обезбеди 50 проценти од вложената инвестиција.

Најголем дел од оние кои аплицирале на овој повик се одлучиле за инвестиција од копање бунари, опфаќајќи ги сите елементи до компјутеризација на самиот систем.

Од регионалната дирекција на Куманово информираат дека петнаесетина земјоделци кои подигнале лозови и овошни насади во последните три месеци од минатата година аплицирале за кофинансирање на повикот кој беше објавен во јуни. Државата ја покрива инвестицијата од 50 до 75 проценти во зависност од тоа дали земјоделците се млади, жени. Земјоделците од поширокиот кумановски регион најмногу аплицирале за веќе подигнати овошни насади од ореви, праски, кајсии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...