Опозициската „Самоопределување“ (ВВ) на Албин Курти денеска ги повика косовските политички субјекти на трибина на тема „Решение преку избори“, која ќе ја организира во петок, 25 мај, во косовското Собрание, со цел да се започне процес за одржување предвремени парламентарни избори, јавува дописникот на МИА од Приштина.
„Трибината ќе се одржи со цел постигнување компромис за одржување предвремени парламентарни избори во Република Косово, како демократско решение кое ќе овозможи создавање на една легитимна власт на мнозинството со цел реализирање на неопходните политички и економски процеси во градењето на државноста на Република Косово, развојот на земјата и евроатлантските интеграции, вклучително и малцинствата во нашата држава и односот со соседите“, се вели во соопштението што попладнево го испрати до медиумите ВВ.
Со ова, партијата на Курти, првпат од декларативното напуштање на Српската листа на владејачката коалиција, се изјасни за предвремени избори, иако до сега тоа го бараше најголемета опозициска партија, Демократкиот сојуз на Косово (ЛДК), додека ВВ одбиваше да учествува во уривањето на Владата на Рамуш Харадинај. Дури шефот на пратеничката група на ЛДК, Авдулах Хоти вчера најави дека „со оглед дека нема подготвеност од другите опозициски партии да поддржат гласање за предвремени избори“, ќе бара други начини да ја урива Владата на Харадинај.
Трибини за наоѓање решенија за проблемите со кои се соочува Косово минатиот месец почна да организира ЛДК, а потоа истото го направи и владејачката ПДК на Кадри Весели, но на неа не учествуваа ВВ и другите опозициски пратеници Албанци, освен оние од ЛДК. Курти досегашните партиски трибини ги сметаше за залудни и тврдеше дека резултираат со неодење на нови избори, но сега го смени ставот.
Актуелно, косовската Влада има поддршка од 52 пратеници во 120-членото Собрание, откако Српска листа објави дека ќе дејствува како опозиција. Но, без оглед на тоа, опозицијата не може да ја урне Владата, бидејќи ниту таа не може да обезбеди 61 глас. Ова од причина што 12-те „одметнати“ пратеници од ВВ, кои преминаа во друга партија, која сега ја предводи градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети, објавија дека нема да поддржат смена на власта доколку нешто такво потекнува од Српска листа. Од друга страна, и во случај последниве да се приклучат на оние што бараат смена на власта, не е сигурно дали такво нешто ќе поддржи најголемата српска партија на Косово, која, иако декларативно ја напушти владејачката коалиција, продолжува да ги држи функциите во Владата на Харадинај.