Самит Македонија 2025: Дигитализацијата решение и за проблемот со загадувањето

Во попладневниот дел од панелот за иновациите и животната средина ќе бидат претставени иновации и искуства на приватниот сектор во заштитата на животната средина. Ќе се дебатира и за можностите за пристап до средства за финансирање на зелени инвестици.

92
FOTO MIA

Во борбата против загадувањето да се користат дигитализацијата и напредните технолошки решенија. Акутната состојба со загадувањето на воздухот што е причина за смртност на околу 3 000 лица во државата бара одговорно однесување на секој поединечно и ефикасни активности од сите, институциите, бизнис заедницата, граѓанските асоцијации, порачаа дел од учесниците на 8. самит Македонија 2025, што се одржува во Скопје.

Никола Љушев, извршен директор на Македонски Телеком, апелира повеќе да се користат решенијата како паметен паркинг, паметно управување отпад, како современи решенија што ќе помогнат во проблемот со загадувањето.

– Дигитализацијата како процес е почната подолг временски период. Мојот впечаток е дека Македонија не каска од аспект на децении, но мислам дека малку поагилно треба да работиме на горливите теми као загадувањето. Во делот на загадувањето можеме да направиме многу повеќе. Има смарт решенија кои се ориентирани на пример во паметно управување на отпад. Анализите покажуваат дека просечно возачот генерира околу 1,3 килограми јаглерод диоксид додека бара паркинг. Зошто тогаш да немаме паметен паркинг и на вашата мобилна апликација да лоцирате точно каде има паркинг и да се упатите таму, наместо да вртите неколку пати низ центарот на градот – рече Љушев на прес-конференција.

Како што дополни, има други напредни решенија кои, на пример, даваат визуелизација на квалитетот на воздухот во реално време со многу поголема застапеност на мерни станици и каде може да се утврди и кои се евентуалните загадувачи кога ќе се случи нагло покачување на концентрацијата на ПМ честичките.

– Има многу современи решенија кои одговараат на акутната состојба што ја имаме со квалитетот на воздухот и тука треба да се направи значаен исчекор. Надлежните институции, градските власти, бизнис заедницата во соработка со граѓанските организации да креираме свесност дека тоа мора да го направиме, не заради нешто друго, не да креираме профит, туку за здравјето на нашите граѓани – укажа Љушев.

Според Михаил Матески, извршен директор и соосновач на Гринтеч д.о.о и Гринтеч МК, работите се придвижуваат, но треба поголема брзина и консензус на сите чинители. – Со загаден воздух и животна средина ни се загрозени животите. Околу 3 000 лица годишно умираат како последица на загадувањето. Од друга страна, имаме големи медицински трошоци. Ова не треба да го гледаме како трошок, туку како инвестиција во луѓето и државата што понатаму ќе донесе и развој. Имиџот на земјата и за странски инвестиции мора да биде чиста, здрава и убава Македонија, рече Матески.

Првенството, потенцираше, треба да тргнеме од своите навики, да видиме зошто имаме толкав проблем со сметот. – Преубава држава преполна со смет – тоа е обично коментарот што го добивам код мои пријатели од странство. Тоа си го правие сами и тоа придонесува да имаме и лош воздух, почва и здравје, наведе Матески.

Треба да се има предвид, како што укажа, и фактот дека токму поглавјето 27 е најкомплексното и најтешкото во преговорите со Европската унија.

– Еден од факторите кој придонесува да имаме и одлив на наши млади е квалитетот на живот и на животната средина. Свесни сме дека во зимските месеци кога имаме проблем со загадување по статистика сме трет најзагаден град во Европа со ПМ 2.5 честички. Мислам дека тогаш многу од младите размислуваат дали е тоа вистинското место за живеење и нивна перспектива. Ако го гледаме интересот на нашата нација мора под итно да ги решаваме овие проблеми – порача Матески.

Министерот за животна средина Насер Нуреди во тек на панелот на самитот посветен на иновациите и животната средина потенцираше дека институциите се обидуваат да ги вклучат сите чинители во решавањето на проблемот со загадувањето и оти има свесност, волја и посветеност да се направат промени.

– Како извршна власт треба да носиме храбри одлуки, можеби не се популарни на кус рок, но долгорочно носат придобивки за сите. Приватниот сектор треба да ја разбере и да ја преземе одговорноста што и како произведува, какви пакувања. Мило ми е што соработуваме со невладините организации кои се продолжена рака на нашата институција. Поглавјето 27 со ЕУ е многу важно и ќе ни треб аподдршка од невладините – нагласи Нуредини.

Како поединци, истакна, треба да видиме кои се последиците од нашите дејства, што купуваме што правиме со амбалажата, а државата да понуди алтернативи кои ќе бидат достапни.

– На пример, управувањето со отпад е тема поврзана со загадувањето. Дали имаме доволно контејнери во градовите и руралните области. Одговорот е не. Го разгледуваме тоа. Разговараме со приватниот сектор да преземат одговорност. Го разгледуваме и ППР проширениот систем на производители. Не измислуваме топла вода, туку најдобри практики од државите. Гледаме што функционира и потоа го адаптираме на нашиот контекст – посочи министерот за животната средина.

Тој оцени дека е добро што младите се свесни за проблемот и поради тоа најави поголема соработка со Министерството за образование и наука со цел еколошките науки да бидат повидливи во училиштата.

Во попладневниот дел од панелот за иновациите и животната средина ќе бидат претставени иновации и искуства на приватниот сектор во заштитата на животната средина. Ќе се дебатира и за можностите за пристап до средства за финансирање на зелени инвестици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...