Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија не е последен од овој вид

- Патување помеѓу две престолнини во регионот трае подолго отколку пат во Токио. Дури и во контекст на конективноста искусивме тензии поврзани за тешката историја - наведува дипломат.

235

Европските лидери се подготвуваат за дводневниот состанок во Софија посветен на Западниот Балкан, прв од овој вид по петнаесет години, но не и последен.

Висок дипломатски извор близок до Европскиот совет денеска ги брифираше европските дописници во Брисел за подготовките за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

– Ова е прв пат по 15 години ЕУ да се сретне со своите партнери во овој формат, последниот пат беше во 2003 во Солун, но ова нема да биде последна средба во овој формат. Се договоривме дека ќе има уште еден ваков формат во 2020 под хрватско претседателство, што ја демонстрира волјата на ЕУ повторно да се ангажира во регионот после предолга пауза, изјави дипломатот.

Самитот ќе биде поделен на два дела. Во среда ќе се сретнат лидерите на 28-те земји членки на ЕУ. На овој состанок ќе биде усвоена декларација која треба да ја потврди „европската перспектива“ на регионот, но на која нема да стои потписот на лидерите од Западниот Балкан, поради земјите кои не го признаваат Косово. Од истата причина шпанскиот премиер Мариано Рахој ќе го напушти состанокот таа вечер и нема да присуствува на Самитот со земјите од регионот, иако четири други премиери на ЕУ кои не го признаваат Косово ќе учествуваат на овој самит.

– На самитот со земјите од регионот Шпанија ќе ја претставува нивниот амбасадор при ЕУ – потврдија дипломатски извори.

На вечерата, пак, лидерите ќе разговараат за дигиталната иновација, за претстојното стапување на сила на новата регулатива за заштита на личните податоци во ЕУ, како и за трговските прашања со САД и американското повлекување од договорот со Иран.

Што се однесува до Западниот Балкан, лидерите на ЕУ, освен што ќе ја потврдат „европската перспектива“ за Западниот Балкан, ќе ја нагласат важноста на проектите од областа на конективноста – како инфраструктурна така и дигитална – помеѓу земјите од регионот и со земјите од ЕУ.

Одговарајќи на критиките дека прашањето за конективноста се користи за да се дефокусира од недоволната заложба на ЕУ кон проширувањето, дипломатот одговори дека „не треба да се минимизира релевантноста на конективноста“.

– Патување помеѓу две престолнини во регионот трае подолго отколку пат во Токио. Дури и во контекст на конективноста искусивме тензии поврзани за тешката историја – наведува дипломатот.

ЕУ е критикувана и за нацрт формулацијата на софиската декларација, која неколкумина ја оценуваат како „послаба“ од солунската во 2003. Имено, во 2003 декларација споменуваше „крајно зачленување“ на земјите од регионот во ЕУ, додека софиските нацрт формулации за сега не одат толку далеку.

Високиот дипломатски извор од Европскиот Совет денеска изјави дека софиската декларација ќе се повика на солунската агенда од 2003, но додаде дека главната одговорност за интеграција во Европската Унија ја имаат самите држави кандидати и аспиранти, не ЕУ.

– На лидерите од регионот е да предизвикаат позитивна реакција од страна на ЕУ, тоа бара позитивни пораки од регионот, тоа исто така ќе ја смени перцепцијата за прошриувањето, додава тој.

Дипломатот го посочи можното решение помеѓу Македонија и Грција за спорот за името како една од тие „позитивни пораки“ кои би можеле да дојдат од регионот и да предизивкаат „позитивен одговор“ од лидерите на ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...