Салвини: Рим не прифаќа мигранти назад

72

Италија засега нема намера да потпише договор со Германија за враќање на мигрантите, најави италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини.

– Нема да потпишам ништо, се додека Германија ги запушува ушите и не презема никакви мерки во врска со сите наши барања, изјави Салвини во интервју за австрискиот весник „Пресе“.

Германија бара со договорот да се предвиди дека ќе може да ги враќа во Италија мигрантите кои влегле во ЕУ преку италијанската територија и потоа преку Австрија стигнале до германските граници.

Во замена Берлин изрази подготвеност на своја територија да прифати толкав број на мигранти од мигрантските центри во Италија, колку што бегалци ќе бидат вратени во земјата согласно договорот.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер пред две недели изјави дека текстот на договорот за мигрантите меѓу Германија и Италија е утврден и дека останува уште тој и Салвини да го потпишат.

Но, Салвини ги негира ваквите тврдења на Зехофер, истакнувајќи дека потпишувањето на договорот „не е само формалност“.

Салвини во интервјуто за „Пресе“ наведува дека спогодбата за мигрантите треба да биде дел од поширок договор, кој би вклучувал и промени во правилата на Европската унија за доделување азил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...