Саем на книгата на „Македоника литера“

166

Во соработка со Центарот за култура „Антон Панов“, во Струмица, утре ќе се одржи саем на книгата на „Македоника литера“. На оваа изложбено-продажна манифестација, со големи попусти ќе се продаваат изданијата на „Македоника литера“ од повеќе области и жанрови. Љубителите на добрата книга ќе може да најдат наградувани и високо вреднувани современи романи од европски и домашни автори, дела од класиката, историски романи, книги за деца од познати македонски и странски автори, антологиски дела на светската драма, книги за театар и за филм, стручна литература…

Мини-саемот ќе трае до 7 јуни, ќе се одвива на платото пред Центарот за култура „Антон Панов“, а работното време е од 10 до 20 часот.

На првиот ден на саемската манифестација, на 5 јуни во 12.30 часот, во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“, ќе биде промовирана најновата книга на истакнатиот македонски писател за деца Киро Донев „Било и се скрило“.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, од кои осум се во издание на „Македоника литера“. Тој е автор на романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници и е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори за децата од помала возраст. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...