САД ја преиспитуваат својата мировна улога во Африка

51

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон и секретарот за одбрана Џим Матис, ја преиспитуваат улогата на САД во мировните мисии на Обединетите нации во Африка, со цел да ги лоцираат американските сили и ресурси на други места.

Болтон, кој ја претстави новата политика на Администрацијата за Африка, изјави дека САД повеќе нема да поддржуваат „непродуктивни, неуспешни и неочекувани мировни мисии на ОН“.

– Нема да им даваме легитимитет на мисиите кои вршат големи исплати на земјите кои што испраќаат слабо опремени војници, кои обезбедуваат недоволна заштита на ранливите популации на теренот – нагласи тој во говор во Фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон.

САД се најголем донатор на мировните мисии на ОН, обезбедувајќи речиси една третина од својот буџет од 6,7 милијарди американски долари за фискалната година од 1 јули 2018 година до 30 јуни 2019 година. Минатата година американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, го намали севкупниот мировен буџет.

И лидерите на Пентагон размислуваат на сличен начин, при што Матис неодамна препорача повлекување на сите американски мировници од мисијата на ОН во Мали, изјави официјален претставник за Гласот на Америка.

Барајќи да остане анонимен, официјалниот претставник изјави дека Матис побарал опции како војниците да бидат ослободени за други мисии.

Пентагон го преоценува присуството на своите војници и операции во Африка, откако во заседа минатата година во Нигер беа убиени четири американски војници, четири нигериски војници и еден локален преведувач.

Со помалку од дваесетина војници САД учествуваат во Мултинационалната мисија за интегрирана стабилизација на Обединетите нации во Мали (МИНУСМА), сили кои вклучуваат повеќе од 13.000 војници, главно од Буркина Фасо, Чад, Бангладеш и Сенегал.

Мисијата е окарактеризирана како најопасната мисија на ОН во целиот свет, со повеќе од 100 убиени мировници во последните шест години.

Групите поврзани со Ал Каеда се осомничени за повеќе од 200 напади во земјите од групата Г5 Сахел (Буркина Фасо, Чад, Мали, Мавританија и Нигер) од јануари 2017 година. Овие напади се првенствено насочени кон силите на МИНУСМА, при што според американската команда во Африка, се тероризираат цивили и се уништува инфраструктурата.

Болтон во четвртокот го критикуваше распоредувањето на мировниците на ОН на континентот како „крај на креативното размислување“ за решавање на конфликтите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...