САД ја повика Русија да ги повлече војниците од грузиските сепаратистички територии Абхазија и Јужна Осетија, чија независност Москва ја призна пред 10 години.
– Тие области се дел од Грузија. Тие не се дел од Русија. САД продолжуваат да го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во меѓународно признатите граници – изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.
– САД ја повикаа Русија да ги повлече своите војници до позициите кои беа определени со договорот за прекин на огнот од 2008 година, додаде таа.
Русија и Грузија одамна се во конфликт поради амбициите на Тбилиси за членство во ЕУ и НАТО, пренесува БТА.
Во текот на летото 2008 година, руски воени единици навлегоа во територијата на Грузија со цел помош на проруската сепаратистичка област Јужна Осетија, каде Тбилиси водеше воена операција. За пет дена руските сили ја пробија грузиската војска и се заканија дека ќе го заземат главниот град.
Договорот, склучен со посредство на тогашниот француски претседател Никола Саркози, доведе до повлекување на руските војници, но Москва ја призна независноста на сепаратистичките области Абхазија и Јужна Осетија и таму одржува силно воено присуство.